Македонија
1. January 2023 - 12:59

Мирна новогодишна ноќ во Охрид, зголемени интервенции на Брзата помош

Новогодишната ноќ во најголемиот туристички центар помина мирно, без инциденти и сообраќајни незгоди. Најмногу работа имале екипите на Брзата помош, а Новата година работно ја почнале и пожарникарите.

Портпаролот на СВР Охрид информира дека полицијата регистрирала две нарушувања на јавниот ред и мир, едното во ноќен клуб на булеварот „Железничка“, а другото пред угостителски објект на булеварот „Македонски Просветители“ предизвикано од двајца српски државјани. Највеселата ноќ поминала без ниту една сообраќајна незгода.

– Физичкото присуство на полициски патроли во централното градско подрачје и во близина на угостителските објекти придонесоа за мирна Новогодишна ноќ на подрачјето на СВР Охрид. Сообраќајната полиција беше на пофреквентните сообраќајници со цел зголемен степен на безбедност, изјави Димоски за МИА.

Брзата помош пак со полни раце работа, со, како што посочија, трипати поголем број на интервенции во најлудата ноќ.

– Поминавме напорна ноќ, а продолживме со истото темпо, па дури и повеќе и од утринава. Бројот на интервенции е трипати зголемен од обичен ден, потврдија од Брзата помош.

Покрај вообичаените интервенции за Новогодишната ноќ кај лица во алкохолизирана состојба, годинава значително имале работа со вирозни пациенти. Од Брзата помош упатија апел за поголема претпазливост на населението и носење заштитни маски, со цел да се спречи ширењето на вирусот.

Работно ја почнале годината и охридските пожарникари, со дојава за пожар на плевна во селото Долно Лакочереј само 25 минути по полноќ.

– На местото се упатија две возила со шест пожарникари, но побарана беше помош за дополнително уште едно возило со двајца пожарникари. По битката со огнените јазици интервенцијата заврши во 3 часот и 40 минути, информираат од ТППЕ Охрид.