Македонија
27. October 2015 - 8:36

Министерот Попоски во посета на Јапонија

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски од денеска до 29-ти овој месец ќе оствари посета на Јапонија.

Како што соопшти МНР, покрај со својот домаќин, министерот за надворешни на Јапонија Фумио Кишида, министерот Попоски ќе оствари средби и со парламентарниот заменик министер за надворешни работи Мики Јамада, како и со повеќе пратеници во јапонскиот Диет.

Министерот Попоски  заедно со  парламентарниот ЗМНР на Јапонија Мики Јамада и македонскиот амбасадор во Јапонија Андријана Цветковиќ, утре свечено ќе ја отворат Амбасадата на Република Македонија во Токио. На свеченоста ќе присутвуваат високи претставници од политичката и економската сфера, како и дипломатскиот кор во Јапонија.  

Во економскиот дел од посетата, шефот на македонската дипломатија ќе оствари поединечни средби со челните луѓе на Јапонската организација за надворешна трговија (Japan External Trade Organization - JETRO), Јапонската агенција за меѓународна помош (Japan International Cooperation Agency -JICA) и најголемата стопанска комора на Јапонија КЕИДАНРЕН.

На 29-ти октомври, во токиската Општа болница (JR Tokyo General Hospital), како што информираат од МНР, ќе биде потпишан Меморандум за разбирање со Министерството за здравство на Република Македонија со кој ќе започне македонската соработка со оваа реномирана медицинска установа.

МНР Попоски ќе ја посети и железничката компанија JR East Japan Railway Company, со која во претстојниот период се очекува да започне конкретна соработка со Македонски железници.