Министерот Љутков најави реконструкција на локалитетот „Залив на коските“ на Охридското Езеро
Реконструкција и модернизација на системот за наводнување на комплексот „Залив на коските“ кај Градиште, повторно ставање во употреба на терасата на објектот за пријатен престој на посетителите, а од следната година и интензивни зафати за санација на платформата на наколната населба „Миќов град“ и кровните конструкции на колибите. Тоа денеска од Охрид го најави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој беше во посета на локалитетот.
Љутков по обиколката на комплексот заедно со директорот на Музејот и со стручните лица од Заводот за заштита на спомениците и музеј - Охрид посочи дека целиот комплекс е оставен на забот на времето без какви било интервенции за негово одржување, уште помалку некакви вложувања во него.
Бидејќи станува збор за исклучително важен локалитет во Охрид и еден од најпосетените места за туристите што остварува и економски бенефит, Љутков најави дека веднаш ќе се отпочнат поголем број проектни активности во насока на доекипирање и подобрување на условите за работа во комплексот, со цел натамошно нормално функционирање на комплексот.
Вршителот на должноста директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, Горан Патчев, од своја страна посочи дека понекогаш не се во прашање само средствата, туку и лошото менаџирање во управувањето со објектите што масовно се посетени од туристите и слабата поддршка од повисоките инстанци.
- Комплекот се одржува тековно, но може да се санира само онолку колку што се парите. Инаку „Заливот на коските“ на национално ниво е на второто место според приходите, и согласно тоа треба да се инвестира. Ние имаме изработено физибилити студија, така што треба да ги послушаме само добрите предлози и да одиме напред со добри практики, рече Патчев.
Инаку, Љутков уште ја искористи можноста да истакне дека во програмата на работата на Министерството за култура и туризам е предвидено културата да стане профитабилна дејност.
- Затоа и го споивме туризмот заедно со културата, бидејќи сметаме дека со развој и културниот туризам, културата може да стане значајна стопанска гранка, рече тој.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Биљана Митева, претседател на Македонско-Бугарска Стопанска Комора
-
Масовни протести во Белград по несреќата во Нови Сад: Српските служби ја продолжуваат истрагата
-
Расчистено убиството во Арачиново
-
Ризик од корупција и судир на интереси во Академијата за судии и обвинители?
-
Бизнисот на удар од корупцијата
-
Инспекторите ги чешлаат универзитетите
-
Се позачестени несреќите на планина
-
Виртуелна прошетка низ Трескавец