Бизнис
6. September 2016 - 13:07

Министерот Кучи учествуваше на Стратешкиот форум во Блед

Министерот за економија Дритон Кучи денеска учествува на Бледскиот стратешки форум, кој се одржува во Блед, Република Словенија. Форумот, како што соопшти Министерството за економија, оваа година е под мотото „Зачувување на иднината“, а министерот Кучи  се обрати на панел дискусијата за туризам на тема „Одржливост и безбедност во туризмот“.

- Помеѓу клучните предизвици на 21 век се истакнуваат грижата за состојбите во животната средина и порастот на секторот туризам, кои прераснуваат во едни од поважните извори на економскиот развој во светот, вклучително и во Република Македонија, истакнал Кучи додавајќи дека  во последните дваесетина години, одржливиот развој е се почеста тема со која на различни начини интензивно се занимаваат бројни структури во општеството во речиси сите земји во светот.

Според него, туризмот претставува стратешка развојна дејност, кој треба да биде иницијатор за развојот на земјата во целина. - Во услови на глобална конкуренција на туристичкиот пазар, постојано се јавуваат нови туристички дестинации, поради што развојот на туризмот треба да ги следи современите трендови кои се однесуваат и на функционирање на неговата материјална основа, а посебно на заштитата на природните ресурси, посочил министерот за економија.

Тој потенцирал дека нема повеќе дилеми дали одржливиот развој е потребен, дилемите се само во пристапот и начинот на негова имплементација. Планирањето на идниот стопански развој, а посебно развојот на туризмот,додал тој, неопходно мора да се усогласи со почитување на основните начела на одржлив развој, а тоа се: еколошка, социокултурна, економска и технолошка одржливост.

- Одржливиот развој на туризмот исто така подразбира и квалитет на туристичката понуда, а витални фактори за обезбедување на квалитет во туризмот се безбедноста и сигурноста на туристите во туристичката дестинација. Безбедноста и сигурноста одсекогаш биле неопходни услови за патување, но факт е дека овие прашања добија многу поголемо значење за туризмот во последните две децении, потенцираше министерот Кучи, додавајќи дека промените во светот во однос на безбедноста се огромни, пред се поради локални војни, терористички напади, елементарни непогоди, епидемии и пандемии, разни незгоди предизвикани од човечкиот фактор, значително влијаат на  намалување на безбедноста на туристите, истакнал Кучи на Форумот.

Во рамките на форумот министерот Кучи остварил средби со генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рафаи, со министерот за економија на Словенија Здравко Почивалшек, со министерот за надворешни работи и трговија на Унагрија Петер Сијарто, министерката за трговија и туризам на Косово Хикмете Бајрами и со министерката за економија на Албанија Вилма Икономи.