Македонија
8. January 2021 - 15:57

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од пописот доколку не се исполнат барањата

Претседателот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски  во интервју на „Нет Прес“ во однос на претстојниот попис на населението и како власта го води процесот истакна дека е скандалозно нетранспарентно и  погрешно. Тој додаде дека целта на власта не е да спроведе статистичка операција туку политичка и дека голем дел од регрутираните попишувачи ќе се од структурите на СДСМ  и ДУИ што би било добра основа за локалните избори и мапирање на теренот каде што се поминува со пакетче или коверт  и понатаму добра основа за на локалните избори  да се пуштат партиски луѓе за притисоци и тргување на гласови. Мицкоски потенцираше дека затоа за власта е важно оваа година да се одржи пописот, а не година подоцна. 

-Скандалозно. Нетранспаренто и погрешно. Јас ги разбирам која им е целта, не е да спроведат статистичка операција туку апсолутно политичка. Зошто? Затоа што еве ќе имате прилика да видите кои ќе бидат регрутирани да бидат попишувачи и голем дел од нив да не речам можеби сите ќе бидат дел од структурите на СДСМ и ДУИ, еве ќе видите. А, зошто? Затоа што тоа е платено по 300, 400 евра од човек,  тоа е добра основа за утре за локални, понатаму тоа е добра основа за мапирање на теренот каде се минува со пакетче, каде се проаѓа со коверт, каде не се минува со ништо, тоа е добра основа да може утре на локалните избори да се пуштат партиски луѓе да притискаат врз луѓето и да тргуваат со нивни гласови. Затоа нив сега им е важно да се одржи пописот. Што ќе смени ако се направи една година подоцна, според препораките на ОН. како што тоа го направија многу поразвиени држави од Македонија, како Германија, Ирска а од соседството чинам Бугарија и Србија. Што ќе смени една година?, запраша Мицкоски.

Мицкоски исто така кажа дека доколку владата сака статистичка операција со комбиниран метод теренски и електронски тогаш која би била потребата од двоен потпис. Според него тоа е така затоа што на крај има политички договор и постои  чувство на недоверба и не само кај Македонците туку и кај сите етникуми. 

-Тоа е првиот дел од тезата, вториот дел е што велат ќе биде статистичка операција со комбиниран метод теренски и електронски. Добро, доколку тоа е така, зошто тогаш потребата од двоен попис. Зошто мора резултатите на крај да ги потврдат директорот кој е предлог на СДСМ и неговиот заменик предлог на ДУИ кој патем речено ова се може и неговите први месеци како вработен во Завод за статистика. Не ја гледам логиката, тогаш ако е електронска  да ги внесеме  матичните броеви да ги вкрстиме со базите, кои патем речено не знаеме кои се базите, и компјутер ќе ни го даде резултатот, бројка – толку луѓе се. Зошто мора да има два потписа?! Затоа што на крај има политички договор и чувството, недовербата е таква, не зборувам само кај Македонците, туку кај сите граѓани од сите етникуми постои недоверба. Сега вие сте решиле на сила да туркате попис, а доверба не сте изградиле во државата, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски појасни дека ВМРО – ДПМНЕ предлага одлагање на пописот  по примерот на Германија за 2022 кога во државата нема да се одвиваат локални  избори.  Исто така тој објасни дека ВМРО – ДПМНЕ бара да се тргнат двата врзани потписи затоа што тоа би значело политичка операција и на крај за да се докаже кој е резидент да бидат применети фингерпринти кои согласно со новиот Изборен законик се предвидени да бидат дел од локалните избори во октомври 2021 што значи дека не би биле дополнителен трошок. 

- Затоа ВМРО-ДПМНЕ предлага прво, да го одложиме за една година, имаме време 2022 година како што направи Германија е сосема доволна бидејќи немаме избори. Второ,  бараме веднаш ако е статистичка операција да се тргнат двата врзани потписа затоа што еве јас ви гарантирам дека тие потписи значат политичка операција.

Трето, за да докажеме кој е резидент бидејќи согласно Еуростат вие попишувате резиденти мора да бидат применети читачите на отисоци на прсти или тн. фингерпринти кои согласно новиот Изборен законик се предвидени да бидат дел од следните локални избори во октомври 2021 значи не е дополнителен трошок тие терминали секако мора да бидат набавени,  атака ќе знаеме кои се присутни кои се отсутни тука веќе лажирање, двоен потпис, кажа тој.

Мицкоски на крај истакна дека доколку овие барања не бидат прифатени и се продолжи со насилната процедура и злоупотреба на  европското знаменце ВМРО – ДПМНЕ нема намера да ги признае резултатите. 

-И конечно да сумирам доколку сето ова не биде прифатено, а засега на комисиска расправа ништо не е прифатено, продолжат со насилната процедура, злоупотреба на европското знаменце ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ги признае резултатите, напротив жестоко ќе ги отфрли во периодот кој седи ќе работи на терен истите да ги девалвира, а доколку некој мисли дека ВМРО-ДПМНЕ  ќе повика на непопишување не е така зошто постои казна глоба од 300-400 евра, ние тоа не можеме да го направиме. И да повика ВМРО-ДПМНЕ теоретски дека целата глоба ќе си ја плати секој, тогаш дел од населението ќе се попише, дел нема и ќе има дисбаланс во резултатите. Затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на терен жестоко да ги девалвира, нема да ги признае резултатите од овој попис затоа што не постои доверба. Ако Заев мисли дека треба да прифати попис кој ќе биде политички, а не статистички, каде ќе има мапирање за локаланите избори за да може утре да носат вакви или такви подароци, за да ги плати активистите кои работат на избори, тогаш и покрај препораките на ОН, тогаш тоа е негова одлука. Но тогаш и треба сите да сме свесни дека, па повторам пламените јазици што ги гледавте во „Глобал“ 13 години потоа, ќе ги гледате во Македонија ние колку години подоцна доколку овој човек потрае. а сите да сме свесни за последиците. Затоа е потребно обединување, национално обединување без разлика кој ќе биде  дел од тој камп, додаде Мицкоски.