Во минатото побаравме дуел, па побаравме предвремени парламентарни избори, но бевме одбиени, па затоа инициравме ваква средба, на која зборувавме за обезбедување на фер и демократски претседателски избори и за реформските закони од агендата за добивање на преговори за пристапување кон ЕУ, изјави вечерва Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ по денешната двоиполчасовна средба со премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев.
Мицкоски оваа средба ја оцени како корисна затоа што е договорено веќе од утре да почнат да работат на усогласување на предлогот на законот за СЈО и на останатите реформски закони.
„Разменивме факти и аргументи од наша и од владина страна. Република Македонија мора да стане достоинствено место за живеење за сите граѓани. Го пренесов чувството за политички прогон. Главно, ова беше корисна средба за релаксирање на односите и за дефинирање на околностите за кредибилна претседателска трка на која убедени сме дека ќе победиме. Ги дадовме нашите забелешки за вештачките варботувања во државната администрација, во локалната самоуправа, за трансфери од буџетот кои ненаменски се користат за промотивни активности. Ова не оди во правец на релаксирање на односите за кредибилен изборен циклус. Укажавме на неправилностите од референдумското изјаснување. Многу нешта во однос на првиот и вториот круг од претседателските избори зависат од Владата“, рече Мицкоски.
Во однос на предлогот СЈО да стане дел од Јавното обвинителство, Мицкоски рече дека за нив е битно дека Катица Јанева го загуби кредибилитетот и дека на оваа тема треба да се разговара. Наше барање е јавниот обвинител да се избира на предлог на опозицијата.
Мицкоски го повтори нивното барање за нова лустрација и за отворање на сите скриени теми кои беа ставани под тепих во изминативе години.
На средбата била договорена и оперативна комуникација меѓу двата изборни штаба, а изразена е надеж дека ќе се приклучи и изборниот штаб на третиот кандидат за претседателските избори. Мицкоски изјави дека не добил гаранција дека изборниот процесот ќе биде фер и демократски и дека на потег е Владата за да ги корегира сите укажани слабости.