Бизнис
18. November 2021 - 11:33

Мицкоски: Гас има за до 31 декември, парното ќе поскапи 2,5 пати ако државата не даде субвенции од 25 милиони евра

Гас има обезбедено до крај на оваа година, од 1 јануари ќе може да се обезбеди гас но за 2 и пол пати повисока цена, изјави денеска на прес-конференција Христијан Мицкоски.

- Според моите информации пред два дена претставници на БЕГ имале состанок со претставници на Рeгулаторната комисија и на тој состанок преставниците на БЕГ ги предупредиле регулаторите дека обезбеден е гас до крајот на оваа 2021 година, тие исто така изјавиле дека можат да обезбедат гас со кој што ќе се обезбедува топлина до 31.12 а од 01.01 па до кога е потребно гасот ќе биде три пати поскап од тој гас кој што сега го користат и врз основа на кој е пресметана цената за греење на домовите. Тоа значи дека најмалку два и пол пати според нивните кажувања би требало цената за затоплување на скопјани да биде зголемена бидејќи 70 проценти од таа цена учествува гасот, вели Мицкоски.

Мицкоски рече дека БЕГ објасниле дека им фалат 25 милиони евра, и ако владата им даде субвенции од 25 милиони евра тогаш цената на гасот нема да се зголеми за 2 и пол пати.

- По оваа цена гас е обезбеден до крајот на оваа година, за од 1 јануари може да се обезбеди гас но за 2 и пол пати повисока цена. Ако сега цената е 300 долари за илјада метри кубни, таа цена сега на пазарот е околу 800. За ова предупредувавме уште од јуни месец но за жал немаше кој да не слушне и за жал неспособноста на власта сега ќе ја плаќаат граѓаните, рече Мицкоски.