Македонија
19. April 2021 - 13:40

Мицевски: ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава за двајцата пратеници кои заразени со ковид гласаа во Собранието

Во текот на утрешниот ден пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за вчерашните настани во Собранието, кога беше дозволено двајца пратеници позитивни на Ковид -19 во скафандери да присуствуваат и да гласаат за точки од дневен ред на две седници.

– На потег ќе биде правосудството кое ќе треба да се оттргне од очигледните политички стеги во рамките на коишто функционира според сите меѓународни извештаи, изјави денеска на прес-конфереција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Мицевски смета дека вчера во Собранието се случило дерогирање на правниот систем и наместо тоа да биде пример за работење во согласност со Устав и закон, собранискиот претседател и пратениците од мнозинството давале пример како не треба да се работи.

– Присуството на двајца позитивни пратеници, спротивно на сите законски норми по никоја цена не беше оправдано, а секој обид за нивно воздигнување во т.н. статус на херој е срамен и безобразен чин во очите на вистинските херои на оваа пандемија, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, цела недела најавуваа, а тоа се потврди и со самиот чин на гласање, дека ќе дадат поддршка на петтиот сет еконономски мерки.

– Оттука, јасно е дека вчерашниот срамен театар, служеше единствено да се задоволат личните желби на поединци да помине 32. седница на Собранието, на која немаше ниту една законска измена поврзана со здравјето на граѓаните или економска помош. За да се остварат таквите лични желби, се даде пример дека политичарите се над законите, а притоа во ризик беа сите вработени во Собранието, присутните претставници на медиумите, како и пратениците, смета Мицевски.

Тој изјави дека вчера биле прекршени членовите 205 и 206 од Кривичниот законик бидејќи, како што рече, никој не е над законите, вклучително и Претседателот на Собранието и пратениците и одговорност мора да има.

– Систем во кој не функционира владеење на правото по никоја цена не е оправдан. Таквата пракса на работење на Коалиција против правдата составена од СДСМ и ДУИ ќе престане, рече Мицевски.