Македонија
21. November 2020 - 16:29

Мерната станица во Струмица во функција од догодина

Државната мерна станица во Струмица не ги мери податоците за штетните ПМ10 честички во воздухот. Веќе подолго време граѓаните немаат можност да видат каква е состојбата на воздухот во градот и дали и колкаво е присуството на штетните честички. Станицата ги отчитува сите останати параметри, но не и податоците за ПМ 10 честичките. Дека овој инструмент е расипан потврдија и од Министерството за животна средина. Од таму информираа дека мониторинг станицата за квалитет на амбиентен воздух во Струмица е во функција, единствено не работел инструментот за суспендирани честички во воздухот со големина до 10 микро метри (РМ10).

„Податоците од мерењата од инструментот за мерење на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (PM10) од мерната станица Струмица, се надвор од јавно прикажување од 08.08.2020 година поради забележани осцилации на измерените концентрации кои се поврзуваат со нивната осетливост на атмосферските влијанија (промена на температура, влажност, атмосферски притисок), што се должи на староста на самиот инструмент (со година на производство од 2004 година), а со тоа и на неговиот радиоактивен извор според принципот на операција (оптимално време на користење во работен режим е 10 години)“, стои во известувањето на Министерството за животна средина.

„Од Министерството за животна средина информираа дека во меѓувреме, инструментот е сервисиран и калибриран, но по неговото дополнително тестирање пред да се вклучи во системот, забележано е дека осцилациите се уште се присутни, па затоа истиот треба да се замени со нов инструмент“.

Од Министерството соопштија дека во тек се активности на замена на застарениот инструмент. Замената ќе била во рамки на проектот кој се реализира во соработка со Шведската агенција за животна средина. Постапката била во завршна фаза, се чекал рокот за жалби по однос на изборот на компанија , по што следува потпишување на договор.

Доколку како минимален рок на испорака и инсталација на опремата биде 60 дена од потпишување на договорот,  струмичани податоците од новата опрема најрано би можеле да ги добиваат  во втората половина од месец јануари следната година. До тогаш граѓаните на Струмица податоци ќе може да добиваат единствено преку мерните инструменти на  платформата Пулсе еко кои се поставени на четири локации во градот.