Град Скопје забрани домаќинствата и фирмите да фрлаат ѓубре од 22 навечер до 6 наутро
Домаќинствата и фирмите во Скопје не смеат да фрлаат ѓубре од 22 часот навечер до 6 наутро. Одлуката ја донесе советот на Град Скопје на предлог на градоначалникот. Со ваквата забрана контејнерите ќе се празнеле поефикасно и немало да се создаваат депонии околу нив. Секој што ќе фрла ѓубре навечер ќе биде казнет.
„Одлуката претставува и правен основ кој им овозможува на овластените инспектори како и комуналните редари да постапуваат против правни односно физички лица што нема да го почитуваат временскиот тајминг за одлагање на сметот како и да бидат казнети согласно Закон за комунални дејности.“
Претседателот на советот ја поздрави мерката.
„Ваквата практика јас сум ја сретнал во Истанбул и беше ограничена на 15 минути пред 5 часот кога смеете да фрлите ѓубре. Во Токио точно за секој камион за различен вид отпад исто беше точно предвидено времето кога се изнесува ѓубрето, кога се собира. Се надевам дека оваа практика ќе биде уште подобра кога ќе бидат воведени и различни корпи за селекција“ - Даме Димитровски, претседател на советот на Град Скопје
За советничката група на Левица, пак, предлогот е скандалозен.
„Да се донесе ваква одлука со којашто на граѓаните ќе им се ограничи кога можат да фрлаат ѓубре, кога не можам, а одозгора на тоа и да ги казнуваат, значи ова е невиден скандал. Не можете вината за нефункционалноста на Комуналното јавно претпријатие да ја префрлате врз граѓаните“ - Катерина Јовановска, советничка на Левица
Претходно, со 37 гласа „за“, и по еден „против“ и „воздржан“, советниците ја прекроија градската каса. Според градоначалникот Ѓорѓиевски, со ребалансот се намалува дупката во буџетот за над 15 милиони евра. Ќе има повеќе пари за капитални инвестиции, а се кратат сите непродуктивни трошоци. Предвидени се средства за реконструкција и изградба на улици, кружни текови, како и клучката кај Момин поток. 70 илјади евра ќе се потрошат за украсување и новогодишна прослава. Ѓорѓиевски уште еднаш повтори дека и Градот и јавните претпријатија тонат во милионски долгови.
„Над 135 милиони евра е дологот на Градот Скопје по однос на тековни долгови, кредити од 80 милиони евра, и по однос на извршни решенија коишто дополнително стигнуваат и ќе стигнуваат во Градот Скопје, а ќе треба да ги плаќаме.
Од друга страна, јавните претпријатија се блиску 180 милиони евра кумулативно долг. Или вкупно околу 300 милиони евра должиме Градот и јавните претпријатија“ – Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје
Ѓорѓиевски посочи дека наплатата на даноците е само триесетина проценти, со што е најлоша во историјата.
„Имавме веќе средба и со директорот на катастар, ќе направиме вкрстување на базите затоа што ние наплаќаме данок од 130 илјади станови во Скопје, а има регистрирано според заводот за статистика 260 илјади. Замислете тоа со години колку загуби се направени во Градот Скопје“ – Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје
Ребалансот го поддржаа и советниците на СДСМ, за како што велат, да се откочи работата во јавните претпријатија.
„Свесни сме за итноста и неопходната потреба да се донесе овој ребаланс за да не се продолжи со блокадата на јавните претпријатија. Срамота е што Скопје беше оставено во заложништво во целиот период на изборниот период. Прво, градоначалниците на ВМРО бидејќи дел од нив се исти од минатиот состав не смееше да се дозволи градот да биде претворен буквално во ѓубре да има глодари и затоа после помпезно да се прави ПР“ – Катерина Цаневска Арсовска, советничка на СДСМ
Ова е втора седница на новиот состав на советот на Град Скопје.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
