Мелничарите не ја добиле ветената поддршка од Владата, ќе ја откупуваат пченицата по 8,5 – 10,5 денари
Мелничарите најавуваат дека годинашната пченица ќе ја откупуваат по 8,5 (сточна) до 10,5 денари (меркантилна) за килограм. Владата, велат, не ја донесе бараната мерка за нивна поддршка која била договорена на последната средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, поради што се доведени во крајно неповолна положба.
Како што изјави за МИА претседателот на Здружението на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија, Горан Малишиќ, договорено било мелничарите да добијат по два денара за откупен килограм домашна пченица од реколтата 2020 и оваа поддршка да влезе во редовните годишни програми за исплата.
Преработувачите сé уште се жалат и на нелојалната конкуренција со несоодветно декларираното брашно од увоз.
-На последната средба која претставниците на мелничко-пекарската индустрија ја имаа во Министерството за земјоделство минатата година, со ресорниот министер беше договорено донесување мерка за редовна исплата на мелниците како лиценцирени откупувачи и преработувачи по два денара за откупен килограм домашна пченица за реколтата 2020 година и внесување во редовните годишни програми за исплата при откупот на домашната пченица, со што домашните мелничари ќе имаат нормална пазарна цена конкурентна на цената на пченицата во опкружувањето, а воедно и домашните земјоделци ќе бидат задоволни и ќе имаат индиректно поголема откупна цена. Но, за жал, и по девет месеци од средбата, Владата не ја донесе бараната мерка со што домашните мелничари се доведени во крајно неповолна положба. Без ветената помош од Владата, како и нелојалната конкуренција на несоодветно декларираното брашно од увоз, домашната мелничка индустрија смета дека лебното жито од жетвата 2021 ќе се откупува од 8,5 (сточна пченица) до 10,5 денари (маркантилна пченица), односно, по цени како и во опкружувањето, објасни Малишиќ.
Според него, ако откупната цена е осум денари во опкружувањето, домашните земјоделци би добиле 8+2 денари, и тие два денара мора да бидат исплатени на мелничарите како би се обврзале земјоделците да ја предаваат пченицата во мелниците преку услови во правилникот за исплата, односно со самото тоа ќе мора да произведуваат меркантилна пченица за човечка исхрана со подобар квалитет.
-Со тоа државата ќе заработи околу 90.000.000 денари по основ на ДДВ и данок на добивка од пченицата која се продава на црно или во готово, а се работи за количина од 40.000.000 до 50.000.000 килограми годишно, истакна Малишиќ.
Земјоделците сметаат дека најавените 8,5 – 10 денари се прениска цена за пченицата. Тие бараат минимум 11,5 – 12 денари за килограм.
-Жетвата на пченицата почна, речиси околу 10 отсто од количините се собрани и за десетина дена се очекува да заврши. Срамна и брука е цената од осум денари што ја најавуваат мелничарите. Јас лично, не ја давам под 11,5 денари, а треба да биде најмалку 12 денари, вели за МИА Драге Мицкоски од село Загорани, Прилепско, претседател на Здружението на земјоделци.
Тој уште еднаш предупредува дека поради климатските промени кој се повеќе се чувствуваат, родот ќе биде речиси преполовен.
Ново на Сител
-
Полицаец од Матејче крадел струја за неговата чајџилница
-
Јавниот превоз во Скопје утре по неделен возен ред
-
Кошаркарската федерација ќе добие нов претседател
-
ПСЖ на чекор од финалето во Лигата на шампионите: Французите го победија Арсенал среде Лондон
-
Инзаги: Интер е во полуфиналето на ЛШ, па не би рекол дека сега сме во тежок период
-
Кацигата на Аиртон Сена продадена за рекордна цена на аукција
-
Тен Хаг или Чави би можеле да го заменат Чаби Алонсо во Баер
-
Злато, сребро, лаптопи, велосипеди и друга стока запленети при обиди за криумчарење