Македонија
4. October 2015 - 9:42

Меѓународен фолклорен фестивал во Кочани

На летната сецана пред Националната установа Центар за култура „Бели мугри“ во Кочани синоќа се одржа меѓународниот фолклорен фестивал „Пееме и играме во чест на оризот“ на кој настапија шест странски  и четири домашни фолклорни ансамбли и  групи. Фестивалот е дел од меѓународната стопанско културна  манифестација „Денови на кочанскиот ориз“.

Со дваесетминутна програма пред кочанчани и бројните гости се претставија Фолклорните групи на македонците од Крањ и Љубљана, Словенија, Фолклорниот ансамбл од Павел Бања Бугарија, Фолклорниот ансамбл од Дидим Турција, Фолклорната група од градот Андреевиќ Црна Гора, како и Фолклорните ансамбли од Пирот Сребија и од Зубин Поток од Косово.

- На годинешниот меѓународен фолклорен фестивал учествуваат фолклористи од повеќе земји на Балканот кои ќе ни приредат богатство од музика, песни и игри, карактеристични за фолклорното поднебје од земјата од која доаѓаат. Вечерва пееме и играме во чест на оризот, белото кочанско злато кое за овдешните жители претставува повеќевековна историја и животна егзистенција, истакна во своето обраќање на фетсивалот Ратко Димитровски, градоначалник на општина Кочани.

Меѓународниот фолклорен фестивал го следеа и гости од збратимените општини со Кочани, Крижевци од Хрватска, Крањ од Словенија и  Дидим од Турција.

Денеска на последниот ден од Манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ ќе биде демонстрирана рачна жетва со срп на оризово поле во село Прибачево, изнесување на полози и вршидба на оризова арпа на гумно со ѕевгар. На собирот во Прибачево ќе биде прогласен и најдобриот земјоделски производител од Кочанско за годинава на кого општината ќе му додели парична награда за набавка на механизација.

Ново на Сител