Меџити: Го остваривме ветувањето кон жителите на Батинци, започна изградбата на оградата околу депонијата „Дрисла“
Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска ја посети депонијата „Дрисла“, каде што го најави почетокот на работите за изградба на заштитна ограда околу депонијата, проект со кој се реализира барањето на жителите на селото Батинци за заштита од кучињата скитници и расфрланите отпадоци.
Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, Меџити, во придружба на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, изјави пред медиумите дека уште од првиот ден од преземањето на функцијата министер за животна средина се соочил со еден од најголемите предизвици на главниот град - лошото и неорганизирано управување со депонијата „Дрисла“. Тој при тоа нагласи дека со овој проект започнува нова фаза на нејзино уредување и контрола.
-Оваа депонија со години претставува извор на загадување и здравствени проблеми за граѓаните и била предмет на бројни реакции од жителите на околните населби, особено од Батинци. По неколкуте средби што ги имав со нив, ветив дека ќе преземеме конкретни мерки, и денес работите веќе започнаа, рече Меџити.
Министерот потенцираше дека со овој проект се зајакнува физичката заштита на просторот и се преземаат одржливи мерки за заштита на јавното здравје и животната средина.
Со средства обезбедени од Министерството за животна средина, во вредност од 9 милиони денари, ќе се изгради ограда долга 4.800 метри и висока 1,5 метри, поставена на 1.500 метални столбови, со двојна бодликава жица и бетонски темели, со што ќе се оневозможи неовластен влез и ќе се намали загадувањето.
-Депонијата ‘Дрисла’ има стратешко значење за целиот регион на Скопје. Во соработка со Град Скопје и надлежните институции, ќе продолжиме да инвестираме во нејзина модернизација и трансформација во современ центар за рециклирање на отпадот, изјави Меџити, стои во соопштението.
МИА
Ново на Сител
-
Филипче за Сител: ВМРО-ДПМНЕ наследи средена држава со стабилни финансии, за година и пол направија хаос
-
Ѓорѓиевски: Ветувам, на крајот на мојот мандат Вардариште ќе биде модерен парк
-
Сиљановска-Давкова oствари средба со грчкиот професор Јанис Армаколас
-
Орбан: Украина има непријателски став кон Унгарија
-
Едно лице убиено, десетици повредени во масовните протести во Перу против претседателот
-
Турција ќе се придружи на потрагата по тела под урнатините во Газа
-
Руски ракети погодија полигон за обука во Украина, неколку мртви
-
Министерката Божиновска учествува на состанокот на министри за економија од Берлинскиот процес