Кошарка
24. July 2015 - 17:31

Марковски: Некој сакаше да ја приватизира репрезентацијата

Спортскиот директор на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Заре Марковски, во петокот на прес конференција, ги образложи причините поради кои Федерецијата решила да ја прекине соработката со селекторот Александар Џикиќ.
 
„Многу пати на селекторот му беше сигнализирано дека оваа репрезентација е на МКФ и дека таа не е приватна. За жал не се најде на разбирање. Мора да признам дека сомнежот кај претсетателот на МКФ се јави уште на 15.јуни кога прв пат се сретнавме во неговиот град, дека работата ќе може да има несакани последици. Тоа значи дека со желба да се продолжи континуитетот беше прифатен стручниот штаб кој го предложи селекторт и беше прифатен распоредот за работа, се беше прифатено со желба да се продолжи. Кога на маса беше ставен економскиот надоместок и начинот на исплата, тогаш настанаа проблемите, кои јас лично се обидев да ги амортизирам. Сепак претседателот на МКФ уште тогаш рече дека проблемите тука ќе ескалираат. Селекторот сакаше да биде исплатен однапред во кеш пред почетокот на подготвките“, рече Марковски.
 
„Договор писмен постои, договорот направен на 1.септември 2014 година не предвидува предвремено готовинско плаќање, како било пред тоа во првиот циклус не би сакал да се мешам“.
 
Проблеми, како што рече Марковски, имало и во составуњето на стручниот штаб кој го предложил Џикиќ, односно да му помагаат Рајковиќ, Флајс, Јончевски и кондициониот тренер Бибрович од Полска.
 
„Јончевски и Флајс се согласија, Рајковиќ побара дополнително време и состанок, тој на состанокот не се појави, а не сакаше да зборуваме ниту по телефон. Дури потоа селекторот Џикиќ, на 12.јули кажа дека Рајковиќ нема да биде дел од стручниот штаб. Кондициониот тренер од Полска добил дозвола од Џикиќ да отсуствува поради својата венчавка. Јас решив да го намалам неговиот хонорар за тие шест дена што нема да биде со нас, но тој не се согласи. За мене е неразбирливо некој да ги напушта подготвките во така чуствителен период особено ако тој е тренерот за физичка подготовка“, рече Марковски.
 
Спортскиот директор му даде целосна поддршка на новиот селектор Марјан Србиновски и рече со задоволство прифатил да му помога кога тој тоа ќе го побара од него. Тој смета дека иако Џикиќ има поголемо кошаркарско педигре од Србиновски, дека квалитативната разлика меѓу нив не е многу голема.
 
Инаку македонската кошаркарска репрезентација в сабота, во СЦ „Јане Сандански“ од 10:30 часот ќе стартува со подготвките за настап на ЕП.