Рубио: САД сега подобро ги разбираат условите под кои Русија би била спремна да ја заврши војната во Украина
САД подобро ги разбираат условите под кои Русија би била спремна да ја заврши војната во Украина откако претставникот на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.
„Можеби за прв пат откако оваа администрација ја презеде функцијата, имаме некои конкретни примери за работите што Русија би ги барала за да ја заврши војната“, рече Рубио во интервју за емисијата „Кудлоу“ на Фокс бизнис мрежата, додавајќи дека клучните елементи на секој договор би вклучувале територија.
Рубио рече дека сè уште има многу работа пред евентуалната средба меѓу Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин за ставање крај на војната во Украина.
„Денес беше добар ден, но сè уште има многу работа пред нас. Има многу пречки што треба да се надминат и се надеваме дека ќе го постигнеме тоа во наредните денови и часови, можеби дури и недели“, рече тој.
Претходно, американскиот претседател изјави дека е отворен за таква средба со Владимир Путин, како и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, според Белата куќа.
По посетата на Москва од неговиот специјален пратеник Стив Виткоф, за која се вели дека била продуктивна, американскиот претседател информираше неколку европски лидери дека има намера лично да се сретне со својот руски колега, можеби уште следната недела, а потоа да одржи средба со украинскиот претседател, објавија Њујорк Тајмс и Си-Ен-Ен.
Американскиот пратеник се сретна со Путин во Москва два дена пред истекот на американскиот ултиматум до Русија, кој бара ставање крај на конфликтот во Украина.
„Претседателот сака да ја заврши војната“, повтори Рубио.
„Во следните неколку дена ќе разговараме со нашите европски сојузници и Украинците за да видиме каков напредок можеме да постигнеме на тој фронт“, објасни тој. „А потоа, се надеваме, работите ќе продолжат да напредуваат и многу наскоро ќе има можност претседателот да се сретне и со Владимир Путин и со претседателот Зеленски во одреден момент, се надеваме во блиска иднина.“
„Но, очигледно многу работи треба да се случат пред тоа“, рече американскиот државен секретар. Кога станува збор за евентуален нов пакет санкции на САД против Русија, тој рече дека Трамп ќе донесе одлука за тоа во следните еден или два дена.
МИА
Ново на Сител
-
За време на викендот почнуваат роковите за локалните избори на 19 октомври
-
Повисоките царини на Трамп стапија на сила, погодувајќи ги стоките од главните трговски партнери на САД
-
Рубио: САД сега подобро ги разбираат условите под кои Русија би била спремна да ја заврши војната во Украина
-
На граничните премини без подолги задржувања за влез и за излез од земјата
-
Без струја корисниците од неколку улици во Скопје
-
Сончево и топло со температура до 35 степени, за викендот повторно многу топло време
-
Трамп: Денешниот разговор меѓу Путин и Виткоф постигна голем напредок
-
Јаневска: Учениците и родителите да бидат спокојни, учебници ќе има