Македонија
13. July 2024 - 16:53

Малолетниците во свесна состојба

Свесни, во подобрена здравствена состојба и со стабилни витални параметри се четворицата малолетници кои вчера беа пронајдени во безсознание во куќа во Козле. 

Во текот на вчерашнито ден дел од нив неколку пати беа препраќани на другите клиники за дополнителни испитувања. 

Од Клиниката за Токсикологија појаснуваат дека во нивната крв е пронајдена дрога, но не и алкохол. Меѓутоа, засега ниту од Клиниката, ниту од МВР не кажуваат за каква супстанца точно станува збор. Малолетниците на возраст од 14 до 17 години немаат сериозни повреди, а нивното лекување и надзор продолжува на Клиниката за токсикологија. 

Полицијата вчера нешто пред 14 часот добила пријава од 40-годишен скопјанец кој кажал дека бил нападнат со тврд предмет во дворот од неговата куќа. Полицајците затекнале две девојчиња во безсознание, а констатирале дека тие конзумирале алкохол и психотропни супстанци. 

-На местото на настанот биле пронајдени и остатоци од работи кои ги консумирале, за кои дополнително ќе се врши вештачење за да се утврди нивната содржина. Малолетните лица со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Клиниката за токсикологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Известен бил јавен обвинител, кој излегол на лице место, вели портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.

Два часа по инцидентот приведен бил и 40-годишникот во чија куќа биле пронајдени децата. Причината за неговото приведување се уште не е позната, а од МВР велат дека тоа ќе го соопштат откако ќе заврши истрагата.

-Во 16 часот полициски службеници го лишиле од слобода Д.Ѓ.. Денеска (13.07.2024) во тек е увид под раководство на јавен обвинител и се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот, вели Андреевски.

По завршување на увидот во текот на денот се очекува да се огласи и Јавното обвинителство со што би требало да стане појасно што точно се случувало вчера во куќата во Козле.