Македонија
20. April 2016 - 14:48

Максимална искористеност на тениските терени во Делчево

 
Делчево, 20 април 2016 (МИА) - Ревијален тениски турнир меѓу основците и средношколците од Делчево денеска се одржа на двојниот тениски терен, кој неодамна го изгради Агенцијата за млади и спорт во оваа општина, како дел од проектот за изградба на 120 тениски терени низ целата држава.
 
На спортскиот настан присуствуваа директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и градоначалникот на општина Делчево Дарко Шехтански, кои не го криеа задоволството од искористеноста на тениските терени, први од ваков вид во Делчево.
 
- Ме радува фактот што спортските објекти кои ги гради Владата, преку АМС и другите ресорни институции ја докажуваат својата оправданост и се максимално искористени од сите граѓани, особено од младите луѓе. Доказ за тоа е општината Делчево и овие тениски терени. Покрај изградбата на овој двоен тениски терен, планираме во Делчево и изградба на повеќенаменско спортско игралиште, како дел од проектот за изградба на 100 повеќенаменски маалски игралишта, а општината ќе биде опфатена и со новиот проект на АМС за изградба на 150 игралишта за стрит баскет, изјави Спасески.
 
Спасески информираше дека од 2006 година досега, само преку АМС се изградени вкупно 222 спортски објекти низ целата држава. Како што рече, АМС е во континуирана градежна офанзива при што досега изградени се 34 спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 56 повеќенаменски игралишта, 74 тениски терени и поголем број мали спортски терени.
 
Тој ги поздрави младите тенисери и им порача упорно да тренираат, да ги слушаат нивните тренери и да бидат максимално посветени, а АМС ќе го следи секој нивни успех и ќе го вреднува секој нивни резултат.
 
Градоначалникот Шехтански се заблагодари на Владата за изградбата на тениските игралишта, кои ќе бидат уште едно одлично место за спорт и рекреација на најмладите.