Македонија
2. July 2024 - 19:41

Македонското знаме повторно се вее на Голем Кораб

Македонското знаме денеска повторно се вее на Голем Кораб, откако албански планинарин Изет Шулку викендов го симна македонското, па го закачи албанското. Македонските планинари експресно се искачија на врвот и го вратија македонскиот државен симбол. 

Од МВР за Сител потврдуваат дека Шулку не е македонски државјанин, но не откриваат повеќе детали, ниту пак официјално кажуваат дали со симнувањето на македонското и закачувањето на албанското знаме е извршено кривично дело. 

Според достапните информации на социјалните мрежи Изет Шулку, е сопственик на ресторан во Албанија. Не му е првпат да го искачи Голем Кораб. Тој е од Пешкопеја, а и претпознатлив како дебарскиот Тарзан.

На неговиот профил на социјалните мрежи јавно се споделени фотографии од неговите авантури со пријателите на Кораб. И на објава во 2021 година со други планинари веат албанско знаме. А во 2020 година заедно со уште една личност позираат со албанско знаме закачено на јарболот на Кораб. 

Ваквата постапка на Шулку ја разбранува македонската јавност, а реакција имаа од ЛДП од каде чинот го нарекоа неприфатлив и спротивен на принципите на планинарењето.