Македонија
18. May 2017 - 11:04

Македонскиот виолинист Иванов ќе ја претставува Европа на светски натпревар

Шеснаесетгодишниот македонски виолинист Александар Иванов, кој е најмладиот студент на Конзерваториумот „Рихард Вагнер“ во Виена, задутре ќе свири во Софија со оркестарот на „Класик ФМ“ заедно со познатиот концерт мајстор на амстердамската филхармонија Веско Ешкенази.

Иванов е студент во класата на професор Игор Петрушевски, кој предавал и на Кралската академија во Лондон.

Концертот ќе се одржи во концертна сала со капацитет од 1.300 седишта, а билетите се распродадени пред две недели.

Минатата година Иванов учествуваше на мастерклас и натпревар во Будимпешта, каде доби високо признание и награда, а годинава на 29 јуни ќе настапи како солист заедно со „Данубе Симфони Оркестра“.

Иванов неодамна на аудиција беше избран како единствен Македонец меѓу сите кандидати од цела Европа и во октомври годинава во Осака, Јапонија ќе настапи на еден од најголемите светски натпревари за виолинисти и со што ќе ја претставува Европа.  

Уште во 2015 година на Александар му беше понудено да студира во Виена, но беше премлад, па затоа родителите одлучиле да ја одложат неговата наобразба  на светски познатиот конзерваториум за една година подоцна.

На Конзерваториумот „Рихард Вагнер“ во Виена студираат исклучителни таленти од целиот свет. Вонредната талентираност на Иванов ја препознале тамошните професори. Иако неговите родители немале амбиција нивното дете да се занимава со музика, сепак Александар уште на седум години посакал да свири виолина. Негов прв професор бил Иле Темков, а виолината ја усовршувал и кај својот дедо професор,  композитор и поранешен виолинист, Благој Цанев.

- Успеав да се вклопам многу добро во австриската престолнина и на самиот конзераториум. Средина каде се цени врвната професионалност. Има студенти од целиот свет и добро се согласуваме. Се дружам со Австријци, Јапонци, Кинези, Иранци, Мексиканци, Срби и Американци, вели Иванов. 

Тој е најмладиот добитник на наградата „Виртуози“ во 2015 година, манифестација која ја организира Македонската опера и балет, Македонската филхармонија и Сојузот на композитори на Македонија. Изминативе години тој беше постојано присутен на македонската музичка сцена, настапувајќи како солист.