Бизнис
16. April 2024 - 16:33

Македонска Пошта пропаѓа, Синдикатот бара итни реформи по изборите

Итна реформа на Пошта после изборите, бара синдикатот. На барањата за решавање на лошата состојба не одговориле ни Управниот одбор, ни Владата како основач, и покрај тоа што претпријатието тоне во финансиска криза.

Синдикатот најави дека заедно со работници и експерти ќе подготви систематизација и ќе ја достави до новата влада. Kомисија фомирана токму за таа намена има, но не работи, вели првиот синдикалец.

Имаме работници кои не доаѓаат на работа, има работници кои доаѓаат, а не си ги знаат работните места. Затоа е таа нова систематизација. Да ја подигнеме продуктивноста во работењето, а со самото тоа ќе ги зголемиме приходите и ќе можеме самостојно да функционираме како друштво“ – Боро Велигденов, Претседател на синдикат на Пошта

Според последниот финансиски извештај, акумулираната загуба на Пошта заклучно со 2022 година е речиси 19 милиони евра. Според Велигденов, вдомени се многу партиски кадри, а недостасуваат оние кои треба да ја вршат неопходната поштенска работа.

Да не се продолжи со оваа лоша кадрова политика, со таа партизација што со години наназад се провлекува и ја доведе Пошта до работ на опстојување. Таква организација на работењето нема во ниту една друга институција. Само во Македонска пошта има 15 подружници, 15 директори, членови на управен одбор, шефовски места, раководни позиции, советници, стручни соработници...а се помалку работници во технолошкиот процес“ – Боро Велигденов, Претседател на синдикат на Пошта

Вработените вчера земале плата, но се загрижени за редовната исплата во следниот период, бидејќи 200 поштари со договор на дело се уште немаат прилив на трансакциите, тврди Велигденов.

Поради распишаните избори, во тек се консултации со членството за тоа дали и како ќе се протестира, а не се исклучува и можноста за штрајк.