Македонија
10. January 2021 - 10:58

Македонија од лани 30-та членка на НАТО – загарантиран територијален интегритет и зголемена безбедност, во очекување на подобра економија и повеќе инвестиции

Зголемена безбедност, подобра економија, повеќе инвестиции, а со тоа и подигнување на животниот стандард се дел од придобивките кои Македонија ги очекува, откако лани и официјално стана 30. земја-членка на НАТО. Официјализирањето на членството беше невообичаено, во услови на глобална пандемија, на закана за светската економија, но очекувањата се дека по завршувањето на кризата позитивните трендови ќе се рефлектираат во македонското општество, пред се во економијата.

Знамето на Македонија на 30 март минатата година беше кренато пред седиштето на НАТО во Брисел, на церемонија со која се означи официјалното пристапувањето, откако три дена претходно, на 27 март и официјално стана 30. земја-членка на НАТО. Тогаш во вонредни околности, во услови кога светот се соочува со пандемија на Ковид-19,  во Вашингтон вршителот на должност амбасадор на земјава во САД,  Вилма Петковска му го предаде на помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија амбасадорот Филип Рикер, оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство.

Со официјализирањето на членството Македонија ја реализираше стратешката цел, зацртана со консензус во 1993 година.

-НАТО заштитува, обединува и зацврстувa. Членството во Алијансата значи безбедност, а без безбедност, нема просперитет. Земјите кои станаа членки во Алијансата тоа го видоа и со бројки. Во контекст на безбедноста, навистина е важно што Македонија, од една страна исполни една од двете стратешки цели за кои се бориме три децении, а од друга, стана дел од колективната безбедност на најмоќниот воено – политички сојуз. И, тоа треба да нè направи горди. Ние сме НАТО. Ние сме заедно со најразвиените и најмоќните држави во светот, држави со кои споделуваме исти вредности, исти принципи, ист поглед кон иднината. И, за нас многу важно, ние сме на масата, седнати заедно и рамноправно со останатите 29 сојузници. Не сме надвор од салата во која се донесуваат одлуки од светско значење, туку седиме на истата таа маса, со нашите 29 сојузници. Го споделуваме нашето мислење, се грижиме за нашите интереси, влијаеме на светските текови, даваме директен придонес кон глобалната безбедност, велат за МИА од Министерството за одбрана.

Во ноември заокружување на процесот на целосна интеграција

Официјализирањето на членството не значеше и крај на работата во насока на целосна интеграција на земјава со НАТО стандардите. Процесот целосно се очекува да заврши во ноември оваа година, што како што велат од МО за МИА е амбициозен рок, но се оптимисти дека ќе биде постигнат.

Интеграцијата не е само воена, НАТО освен воен сојуз е и политички сојуз, што се темели на вредностите на демократијата, слободата, владеењето на правото и почитувањето на јавната дебата.

-Изминатите три години имаме силен пробив по овие вредности во општеството, а министерката за одбрана Радмила Шекеринска во повеќе наврати потенцира дека членството во НАТО не го добивме како подарок само поради решениот спор со Грција, туку го одработивме со реформи и резултати. Признанија за пробивот по овие вредности доаѓаат во текот на целата година, преку домашни и меѓународни истражувања, кои го покажуваат местото на Македонија и пред одредени членки на НАТО и на ЕУ, велат од МО за МИА.

МО лани ја доби највисоката оцена за транспарентност од Центарот за граѓански комуникации – прво место меѓу сите институции на државно и локално ниво.

-Тоа е неверојатен скок за само три години – прескокнавме 45 места. Следеа уште две потврди на ваквиот пробив во транспарентноста и доброто владеење – меѓународната потврда од Транспаренси Интернешанал за второ место во ЦЕИ за интегритет во работењето, што не` препознава како подобри од четири земји членки на ЕУ и шест земји-членки на НАТО и неодамна потврдата од Метаморфозис и ACTION SEE – тука со 72,47 отсто како Министерство сме на второ место во оценката за добро владеење и отвореност на институцијата, а на ниво на цела држава Македонија е на прво место во регионот, оценета како земја со најотворена извршна власт пред Црна Гора, Србија и БиХ, нагласуваат од МО.

За подигнување на нивото на вредностите, велат од МО, е и интересот за влегување во одбранбениот систем, кој е подеднакво голем кај сите етнички заедници. На последниот конкурс околу 500 Албанци пријавиле интерес да бидат професионални војници во Армијата. – Тоа е така и затоа што како и Македонците и останатите етнички заедници, тие оваа Армија ја сметаат за своја, нагласуваат оттаму.

Македонија е и една од водечките земји во имплементацијата на Резолуцијата 1325 на Обединетите Нации, која е основа и за земјите – членки на НАТО, на полето на родовата еднаквост и родовата перспектива. -Тоа е исклучителна вредност на современите демократии кои знаат дека со целосно, инклузивно вклучување на жените во одбраната, не само како бројка, туку и во процесот на работење, на одлучување и раководење, ние добиваме уште еден голем капацитет, додаваат од МО.

Членството значи и учество во процесот на донесување одлуки

Министерката за одбрана од официјалниот влез во Алијансата учествуваше на четири, а министерот за надворешни работи на два состанока на Северноатлантскиот совет (САС), највисокото одлучувачко тело на НАТО. Процесот на донесување одлуки во НАТО се заснова на консензус, што значи дека секоја одлука на НАТО е израз на заедничката волја на сите 30 земји членки. Највисоко одлучувачко тело во НАТО, САС, со кое претседава генералниот секретар се состанува три пати годишно на ниво на министри за одбрана и два пати на ниво на министри за надворешни работи.

-Минатата година во насока на координација на заедничките активности за одговор на пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, министрите за одбрана се сретнаа и на дополнителен вонреден состанок. Вкупно министерката за одбрана учествуваше на четири, а министерот за надворешни работи на два состанока на САС. Се разбира, откако изби пандемијата, преку заштитена видео конференциска врска со НАТО воспоставена во МО. Пандемијата можеби го смени начинот, но во никој случај не влијаеше на континуираниот контакт и на координацијата со Алијансата и сојузниците. Напротив, овие активности течеа без застој, на секое ниво и во секоја област на одбранат, велат за МИА од МО.

Лани беа одржани првите мултилатерални разговори, како први од овој формат кои земјава ги одржа како полноправна членка на Алијансата во рамките на НАТО процесот на одбранбено планирање, како и годишната конференција за интеграција на земјава во структурите на одбраната во НАТО. -Тоа покажува дека нашата интеграција во сите структури на Алијансата, која започна по полноправното членство се одвива со непречена динамика, и покрај сите предизвици со кои се соочуваме на глобално ниво, велат од МО за МИА.

Реветингот се уште трае, се очекува намалување на бројот на лица со пристап до класифицирани информации

Членството подразбира и поголем пристап до информации што се чувствителни и високо класифицирани. Сите функционери, но и сите вработени чии работни обврски подразбираат работа со НАТО класифицирани информации треба да поседуваат НАТО безбедносен сертификат. Како земја партнер Македонија и порано разменуваше класифицирани информации со НАТО и одреден број функционери и вработени и порано имаа пристап до НАТО сетификати, но само до определен степен на тајност.

До пред официјалниот влез сите функционери кои имаа контакт со класифицирани информации беше потребен т.н. национален сертификат за пристап до нив, но, од март лани е неопходен НАТО сертификат за пристап до класифицирани информации, што значи дека, освен нас и сите земји-членки на Алијансата мораат да потврдат дека конкретниот функционер е чист по две основи: прво, контакти со држави, ентитети и поединци кои го третирааат НАТО како свој опонент, второ, инволвираност во случаи на висока корупција, каде што постои можност да бидат злоупотребени од малигни држави, поединци и ентитети.

По зачленувањето, во соработка со НАТО, започна процес на безбедносна проверка на вработените за кои е проценето дека во склоп на своите работни обврски имаат допир со НАТО класифицирани информации. Проверката се врши по НАТО стандарди и овој процес во јавноста е познат како реветинг.

Четири се степените на тајност на информациите, а највисокиот топ сикрет се очекува да го има само државниот врз – претседателот, премиерот, министерката за одбрана и началникот на Генералштабот.

Најголемиот број од околу 600 воени лица, политичари и цивилни работници се очекува да го добијат средниот степен (второ и трето ниво на доверливост од можни четири).

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска неодамна истакна дека реветингот трае подолг период, а токму поради ригорозните НАТО проверки е потребно време.

Досега се испратени три групи од четирисетина луѓе од Министерството за одбрана и Армијата, од кои дел добиле безбедносни сертификати, а за дел, пак, постапката е во тек. Одбиено е барањето само на еден претставник на Министерството за одбрана.

Шекеринска посочи дека нашето воено претставништво во Брисел е релативно пополнето, таа бројка расте и како, што рече, во тек е избор на уште еден полковник и уште двајца подофицери.

– Така што на воено ниво навистина сме многу сериозно претставени во рамките на НАТО Алијансата и тој процес ќе го финишираме и со воен претставник. Меѓутоа, има многу работи кои не зависат само од нас. Очекувам на 15 јануари нашиот амбасадор, Дане Талески да замине за Брисел и тоа ќе биде многу важно за функционирање на нашата мисија таму, вели Шекеринска.

Од МО за МИА нагласуваат дека вообичаено безбедносните проверки се долги, и од оваа перспектива не може со сигурност да се предвиди кога овој процес би завршил, но додаваат дека се очекува намалување на бројот на лица кои ќе имаат пристап до класифицирани информации. Додаваат дека со буџетот за 2020 година е комплетиран уште еден важен проект во Министерството – Пристапната точка за НАТО класифицирани информации.

Претседателот Стево Пендаровски во своето годишни обраќање во Собранието лани истакна дека тоа е многу комплексен и ригорозен процес кој е во тек и кој во случаите на претходните приеми на држави во НАТО, во просек, дистанцирал од доверливите информации од 10 до 15 отсто од високите воени, полициски и политички лица.

-Првата фаза од тој процес кај нас веќе привршува, јас се надевам дека на неговиот крај ние ќе излеземе со многу помал процент на одбиени функционери, меѓутоа, секој од нас мора да е свесен дека членството во Алијансата поддразбира личен пример и вистинска, а не само реторичка поддршка на вредностите врз кои таа организација е поставена, рече Пендаровски во годишното обраќање во Собранието.

Армија по НАТО стандарди

За интегрирањето на воените сили согласно НАТО стандардите, од МО нагласуваат дека на ова поле се работело и пред официјалното членство.

Го споменуваат зголемувањето на примањата на припадниците на Армијата, првпат сите припадници добиле бенефициран стаж, обезбедени се повисоки надоместоци за пилотите, воздухопловниот кадар, докторите, критичните специјалности, јубилејни награди, воведени се најдобри услови за  пензионирање со десетте најдобри години, нови униформи и чизми, спроведени реконструкции на објекти и инстраструктура на Армијата…

– Примањата на еден професионален војник пред 2017 година беа околу 20.000 денари, а сега со двете покачувања на платите од вкупно 16 проценти и доделувањето на надоместокот за закупнина од околу 8.000 денари, месечните примања се над 30.000 денари, велат од МО и додаваат дека војничката професија стана посакувана. На последниот конкурс за прием на 200 професионални војници се пријавиле околу 1800 кандидати, а за претходниот конкурс за 70 професионални војници кога се пријавија 700 кандидати.

Во комплетно реновиран објект во касарната „Боро Менков“ во Куманово е сместена Командата на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG, а баталјонот за почести, популарната гарда, ренџерскиот баталјон, баталјонот за врски и третиот логистички баталјон ќе бидат сместени во две комплетно реновирани згради во касарната „Илинден“.

Во фокусот е и модернизација на опремата, а освен набавката на нови инженериски машини, нагласуваат од МО, минатата година согласно принципот на договор Влада со Влада, потпишан е првиот договор со Владата на САД, за набавка на лесни оклопни борбени возила, два типа – Oshkosh JLTV  и Stryker. Во период од четири до шест години ќе бидат набавени вкупно 151 возило, а пристигнувањето на првите возила наменети за Лесната пешадиска баталјонска група се планира за 2022 година. Обдезбедена е и алпинистичка опрема за Армијата и во тек е набавка на нова опрема за лична заштита на сите припадници на Лесната пешадиска баталјонска група, а продолжуваат и проектите за кибер и против – воздушна одбрана.

За целосно да се интегрираме во НАТО изработен е национален План со активности во неколку области: администрација, опремување и модернизација, структура на сили, едукација, обука вежби и евалуација, логистика и медицина, интеграција на националниот систем за воздушно набљудување со системот на НАТО, Комуникациски – информациски системи и кибер одбрана.

-Минатиот месец одржавме заедничка Конференција со НАТО на која се разгледуваше напредокот. Заеднички став е дека, и покрај предизвиците од Ковид-19, процесот на интеграција тече согласно првично планираните рокови и дека ќе достигнеме целосна воена интеграција во НАТО до октомври 2021 година, како што беше првично планирано, додаваат од МО.

Армијата е долгогодишен учесник во мировните мисии, особено оние предводени од Алијансата. Во Авганистан е од 2002 година, а во еден период земја беше и четврта земја придонесувач во оваа мисија, според бројот на жители. Македонските војници остануваат во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, првпат со свои војници придонесува во силите КФОР на Косово, а со свои припадници учествува и во мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА и во мисијата на Унијата во Централноафриканската Република. Продолжуваме со свои припадници да биде дел и од мисијата УНИФИЛ во Либан, под капата на Обединетите Нации.

-Многу е важно што денеска Македонија го покажа и своето вистинско место во регионот, како земја која ја презема одговорноста за стабилноста и безбедноста и на непосредното опкружување. Од неодамна, 44 наши војници се дел од мисијата на Алијансата на Косово, КФОР, каде придонесуваме со штабни офицери во главната команда во Приштина и со војници кои ја обезбедуваат регионалната команда на КФОР Запад, нагласуваат од МО.


мисија во кфор косово

Во наредниот период ќе се работи на постапно намалување на бројот на војниците ангажирани за обезбедување на НАТО штабот во Аванистан но, нашето присуство во „Одлучна поддршка“ ќе добие нова димензија и нов квалитет преку распоредувањето на хируршки тим во рамките на норвешкиот медицински контингент и тоа од март до  септември 2021 година. За оваа година е планирано и зголемување на придонесот во мисијата КФОР.

Продолжува трендот на зголемување на буџетот за одбраната

Во однос на буџетот и достигнувањето на целта од Самитот на НАТО во Велс, два отсто од БДП да се одвојува за одбраната и тоа да го оствариме до 2024 година од МО велат дека трошоците за одбраната растат, според предвидените проекции. Оваа година буџетот за одбрана ќе достигне 1,57 отсто од БДП, односно над 11 милијарди денари.

-Годинава  првпат целосно ја исполнуваме и втората обврска која што произлезе од Самитот во Велс – а тоа е повеќе од 20 отсто од буџетот за одбраната да се издвои за опремување и за модернизација. Со овие средства кои се 38 проценти повеќе од одвоените во буџетот за 2020 година за опрема и модернизација, добиваме ново подмладување на Армијата, подобрување на стандардот на армиските припадници, квалитетна логистичка поддршка, реконструкција на армиските објекти, подобри услови на нашиот најголем полигон и Криволак и стабилно финансирање на Армија која е дел од Алијансата, велат од МО.

Шекеринска на прес-конференцијата лани нагласи дека буџет за 2021 за одбраната е буџет на земјата како членка на НАТО. -Годинава покажуваме дека обврските, стандардите, критериумите кои што сме ги прифатиле како земја членка на НАТО ги почитуваме. Затоа Македонија и оваа година го зголемува буџетот за 0,2 отсто од БДП, движејќи се кон посакуваните два отсто, но годинава првпат целосно ја исполнуваме и втората обврските на земјите членки на НАТО која што произлезе од Самитот во Велс – а тоа е повеќе од 20 отсто од буџетот за одбраната да се издвои за опремување и за модернизација, истакна Шекеринска.

Домашните капацитети ставени во служба за колективната безбедност

Мотото еден за сите, сите за еден земјава го реализира и преку ставање на располагање на домашните капацитети во служба на НАТО. На армискиот полигон „Криволак“ веќе е зголемен маневарскиот  простор. Пробиени се нови 33 километри пат од страната на Штип, обновени 17 километри постоечки патишта и оформена е обиколница околу целиот полигон.

Планирана е обновата на патната инфраструктура да заврши до следната година пред почетокот на вежбата „Одлучен удар 21“, во мај оваа година 2021, каде се очекува да земат учество околу 2 000 војници од Армијата на Република Македонија, од Армијата на САД, Бугарија и Грција.

-Тоа е полигонот каде што започна колективната обука на нашата НАТО декларирана единица – Лесната пешадиска баталјонска група,  заедно со тим од Обединетото Кралство, но каде што се обучуваат и сите други единици од Армијата и тоа е полигон со чиј што развој очекуваме да се зголеми и бројот на билатерални и на НАТО обуки. Со овие инвестиции, со опремувањето во полигонот ќе се створат многу подобри услови за обука за нашите припадници, но и подобри услови за обука заедно со други сојузнички армии. Развојот на Криволак ќе ни даде шанса не само да придонесеме во НАТО обуките туку и да имаме бенефити за нашата економија и за нашиот буџет, велат од МО.

Вториот капацитет со кој земјава дава придонес е Регионалниот центар за односи со јавност. Се работи на нов концепт на центарот, кој ќе одговори на современите безбедносни предизвици, а фокусот во идниот период ќе биде ставен на палета на активности за справување со дезинформации и лажни вест.

Во тој контекст треба да се спомене и кибер безбедноста. Кибер заканите за безбедноста на Алијансата стануваат сè почести, покомплексни, подеструктивни и посилни. Оваа тенденција е присутна и за време на пандемијата. Изработена е и усвоена стратегија за кибер безбедност и во тек е постапка за потпишување на Меморандум за соработка со НАТО на полето на кибер одбраната, што овозможува координирана реакција на сојузниците во случај на кибер напад.

-Во 2021 година, буџетот за одбраната најјасно покажува дека кибер – безбедноста е еден од приоритетите. Со зголемување од 38 проценти за опрема и модернизација во споредба со буџетот за 2020 година, ќе работиме на опремување и модернизација на Армијата, а дел од тие процеси е и набавката на информатичка опрема, опрема за крипто-заштита и кибер одбрана. Тоа не е само декларативна поддршка на овие заложби, туку реален чекор за воспоставување на систем

за сајбер – заштита кој е соодветен за НАТО земја, велат од МО за МИА.

Членството го олесни патот за помош во справување со Ковид-19

Членка на НАТО станавме во услови на пандемија, а на трите од вкупно четири министерски состаноци на ниво министри за одбрана, главната тема била справувањето со пандемијата на коронавирусот и мерките кои Алијансата ги презема за поддршка на своите членки.

 

Членството особено и помогна на Македонија во справувањето со пандемијата. Како земја-членка Македонија е  дел од Системот за кризен менаџмент на Алијансата. На почетокот на пандемијата искуствата на НАТО беа искористени во организацијата на помошта на војската на институциите, голем дел од сојузниците испратија медицинска опрема која се транспортираше со помош на НАТО, а кон крајот на минатата година преку евроатланскиот центар за одговор на кризи земјава доби помош во транспортни респиратори во вредност од 1,4 милиони евра.

- Македонија, беше директно поддржана од НАТО Доверителниот фонд, преку кој беа донирани 60 транспортни респиратори во вкупна вредност од 1,4 милиони евра. Тука е и поддршката од сојузниците –Норвешка донираше потрошен медицински материјал во вредност од 200 000 евра и 13.500 брзи тестови за Ковид-19, од кои дел се за Армијата, но поголем дел се за сите граѓани. Директна помош за справување со Ковид-19 добивме од Обединетото Кралство, Бугарија, Полска, Турција, а Министерството за здравство беше помогнато со донации од Словенија, Унгарија, САД, Германија, нагласуваат од МО.

Следната есен Македонија е домаќин на вежба со над 2 000 учесници на НАТО центарот за одговор на кризи, за подобра координација во справувањето со кризи, и тоа, како што велат од МО е значењето на начелото – НАТО обединува.

Се воспоставува Центар за поддршка на домашните компании при настап на НАТО пазарот

Загарантираната безбедност е гаранција за побрз економски развој и поголеми инвестиции, на членството во НАТО се гледа како на нови можности, нов пазар и побрз прогрес. Тоа е и шанса за нашата бизнис – заедница и нашите компании да учествуваат во големиот ланец на набавки и снабдување со производи за потребите на Алијансата.

Шекеринска на прес – конференцијата по повод започнувањето на вториот мандат најави дека во Министерството ќе се воспостави Центар за поддршка на домашните компании при настап на НАТО пазарот.

Процесот е започнат, а Центарот е замислен како мала, ефикасна, агилна структура во која ќе работат неколкумина вистински професионалци, кои ќе им даваат насока и ќе им бидат поддршка на компаниите до овој голем пазар, што сериозно може да влијае на развојот на македонската економија. Центарот за поддршка на локални компании ќе влезе во структурата на МО.

–Со членството во НАТО се отвора НАТО пазарот за нашите компании. Нашата држава има пристап до НАТО фондовите, како и можност домашните компании да учествуваат на јавните набавки на НАТО, кои во 2019 година изнесувале над 5,2 милијарди евра, велат од МО за МИА.

Преку Центарот ќе им се дава помош на домашните компании да добијат информации за бизнис можностите со НАТО, за методите и процедурите за учество на НАТО тендери, но и за поголем економски развој на државата.

Од МО велат дека во план се консултации на билатерална основа со земјите членки на НАТО од регионот за размена на позитивни искуства и најдобри практики.

Парламентот во 1993 усвои резолуција за членство, во 1995 година Македонија се приклучи кон програмата Партнерство за мир, Канцеларијата на НАТО беше отворена во 1997 година, кандидат станавме во 1999 година. Земјава најблиску до членство беше во 2008 година на самитот на НАТО во Букурешт. Алијансата тогаш констатира дека земјата технички е подготвена да влезе, но влезот беше попречен поради грчкото вето заради нерешениот спор за името, а откако по речиси три децении спорот беше надминат вратата на Алијансата се отвори и Северна Македониија лани стана 30. членка на најголемиот воено-политички сојуз во светот.

Премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата во декември посветена на сто дена од новиот мандат на Владата напомена дека во 2020 година Македонија има уште едно одличје во сопственото брендирање, олицетворено во мотото „Ние сме НАТО, заедно сме посилни“.

– Со членството во НАТО нашата безбедност е гарантирана, остварена е стратешка цел, нашиот суверентитет, интегритет се под целосна заштита на најмоќната политичка и воена алијанса во и сторијата на човечката цивилизаиција. Во НАТО сме еднакви со најразвиените и најмоќните земји во светот. Активно придонесуваме за одржување на мирот во светот и за подобрување на стабилноста пред се во нашиот регионот, што е клучен предуслов за одржлив економски развој, порача Заев.

А претседателот Пендаровски во своето годишно обраќање во Собранието истакна дека првпат во нашата историја ние не сме осамени во борбата против старите и новите закани. Заедно со нас се и 29 демократии и 29 армии како наши сојузници.

Потсетувајќи дека Протоколот за пристапување беше ратификуван на 11 февруари 2020 година Пендаровски напомена дека одлуката за ратификација на Северноатлантскиот договор е голем чекор во заокружувањето на македонската државност и удирање печат на нашиот територијален интегритет и суверенитет.

-Честа да ја донесеме оваа историска одлука ја добивме ние, претставниците на граѓаните во законодавната и извршната власт. Сега одговорноста е на нашата генерација. Да му покажеме на светот дека кога се верува во исти вредности не постојат разлики меѓу малите и големите држави, истакна шефот на државата.

 Ана Цветковска