Македонија очекува покана за НАТО на Самитот на Алијансата
Македонија на Самитот на НАТО што ќе се одржи денеска и утре во Брисел очекува покана за пристапување кон најголемиот воено-политички сојуз во светот, со што ќе се отвори патот да стане негова 30. земја-членка.
На самитот ќе присуствува владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, кој во Брисел ќе пристигне од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Лондон, каде изјави дека очекува покана во НАТО.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг очекува дека по договорот со Грција, Македонија ќе биде поканета да почне со преговори за членство во НАТО.
- Очекувам дека по историскиот договор постигнат минатиот месец за спорот со името, ќе го поканиме Скопје да почне со преговори за членство. Кога договорот ќе биде финализиран и имплементиран, ќе можеме да ја поканиме поранешната југословенска Република Македонија да стане 30. членка на НАТО под нејзиното ново име, Република Северна Македонија. Ова е сигнал дека портата на НАТО е и ќе остане отворена, изјави синоќа на прес-конференција Столтенберг, јави дописничката на МИА од Брисел.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска непосредно пред Самитот на НАТО во Брисел со видео–изјава до граѓаните на Република Македонија потенцира дека овие два дена Македонија ќе седне на иста маса со светските велесили.
- Нашата земја официјално ќе ја добие поканата за членство во НАТО. Оваа шанса во 2008 година ја пропуштивме и оттогаш натаму, работите тргнаа во погрешен правец. Видовме што значи да се живее во несигурна држава и во нестабилен регион. Поминувавме низ многу кризи, а државата стагнираше на секое поле.Членството во НАТО е историска шанса која сега мора да ја искористиме. Со тоа Република Македонија ќе стане партнер и сојузник со најмоќните земји во светот. Членството во НАТО ќе биде стабилност и сигурност за Република Македонија и нејзините граѓани. Но, тоа ќе донесе и шанса за побрз економски развој и просперитет, вели Шеќеринска во видео пораката.
Во меѓувреме, високи дипломатски извори во НАТО изјавија дека не се очекуваат никакви блокади за издавањето на поканата за Македонија на утрешниот Самит.
Кон крајот на јуни, „Њујорк Тајмс“ објави информација според која Доналд Трамп би можел да ја блокира поканата за НАТО за Македонија поради неговите односи со Владимир Путин. Високи дипломатски извори вчера изјавија дека нема никаква индикација за такво нешто.
Американската амбасадорка во НАТО самата потврди дека САД сака да ја види Македонија како членка на НАТО, но порача дека е неопходно за тоа граѓаните да го потврдат Договорот со Грција на референдум.
- Народот во Македонија ќе одлучи кое е името на нивната земја.Тоа е суверена работа и е нивно право, се разбира. Ние би сакале Македонија да стане членка на НАТО, но за да се случи тоа мора да има договор за името, кој ќе ни овозможи да имаме едногласна одлука за старт на преговорите и мислам дека би било огромно назадување за членството во НАТО ако го одбијат договорот склучен меѓу Грција и сегашната Република Македонија, изјави за новинарите американската амбасадорка во НАТО, Кеј Бејли Хачинсон.
Од НАТО, исто така, велат дека не гледаат како би можела Македонија да стане членка на НАТО доколку пропадне референдумот.
Земјите членки денеска ќе се согласат да и ја издадат на Македонија поканата за да ги започне процедурите за зачленување. Тие процедури се истите како и за сите претходни земји кандидатки. Македонија и земјите членки ќе се договорат за пристапен план во Алијансата кој содржи два елемента. Првиот елемент се однесува на генералните услови применливи на секоја земја кандидат. Од една страна тука се реформите кои се бараат од сите земји, од друга се финанските обврски на земјата кон буџетот на Алијансата. Вториот елемент се реформите специфични за земјата кандидат.
Овие реформи се дискутираат со земјата, потоа државата дава план за имплементација, по што следува пристапниот протокол, кој треба да го потпишат и ратификуваат сите земји членки. Откако ќе почнат ратификациите за пристапување кон Вашингтонскиот договор, кој е депониран во Стејт департментот, Македонија може да учествува практично на сите форуми како де факто членка, но без право на глас. Штом во Стејт департментот бидат депонирани ратификациите на сите земји членки, вклучувајќи ја и од американскиот Сенат, може да се очекува полноправно членство.
Ново на Сител
-
Крадец фатен на дело во Прилеп
-
Во Берово најстудено, најтопло во Претор и Гевгелија
-
Парламентот на Јужна Кореја му изгласа импичмент на претседателот Јун Сук-Јеол
-
Влада: Осум странски инвестиции, се работи посветено на економскиот напредок на државата и отворање нови работни места
-
Вучиќ: САД за неколку дена ќе воведат санкции за српската нафтена индустрија
-
Земјотрес во Косово почувствуван и во Македонија
-
Израелската војска соопшти дека нападнала команден штаб на Хамас, сместен во училиште
-
Русија го блокира Вибер