Македонија
13. јуни 2025 - 16:33

Македонија и Унгарија потпишаа договор за стратешка соработка

Министрите за надворешни работи на Македонија и Унгарија потпишаа договор за стратешка соработка меѓу двете влади. Големи унгарски компании ќе се вклучат во значајни проекти во земјава, особено во сообраќајот, телекомуникациите и градежништвото, најави унгарскиот министер Сијарто.

„Големи унгарски претпријатија ќе учествуваат во големи проекти во областа на сообраќајот, телекомуникациите, градежништвото во Македонија и тоа за нас дава огромни можности и технолошката подготвеност на овие претпријатија можат во голема мерка да придонесат за изградба на пруги, телекомуникации, и на полето на дигитализација на С.Македонија и воопшто модернизацијата на С.Македонија“ - изјави Петер Сијарто, министер за надворешни работи и трговија на Унгарија.

Унгарија е еден од десетте најголеми трговски партнери на Македонија и меѓу водечките странски инвеститори, нагласи министерот Муцунски. Тоа, според него, е стабилна основа за уште поголемо економско поврзување.

„Во делот на надворешната трговија воспоставивме продуктивна соработка со унгарското Министерство, од кое очекуваме конкретни резултати. Унгарија е меѓу првите десет најголеми трговски партнери на земјава и еден од водечките странски инвеститори, што претставува повеќе од цврста основа за натамошното економско поврзување. Како партнери и сојузници во НАТО продолжуваме да градиме отворена и искрена и стратешки ориентирана соработка. Убеден сум дека оваа позитивна динамика ќе биде дополнително афирмирана на претстојниот 76-ти самит на Алијансата од кој очекуваме јасна насока и одговори за справување со новите безбедносни предизвици, но и со нарушената европска безбедносна архитектура“ – изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија.

На денешната средба се разговарало и за континуираната поддршка од Унгарија за нашите европски аспирации.

„Унгарија останува еден од најгласните и најпосветените поддржувачи на европската перспектива на целиот регион. Тоа се докажа за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ. Искрено сме благодарни за таа принципиелна и искрена поддршка, особено во контекст на нашите очекувања за напредок во процесот на пристапување кон ЕУ“ – изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија.

„Западноевропските држави кога зборуваат за проширувањето ве измамуваат бидејќи веќе некои од овие држави на Западен Балкан чекаат прием повеќе од 15 години. Ние во Унгарија, го сметаме како неприфатливо тоа што додека Брисел сака Украина екстремно брзо да ја прими во Европската Унија, за тоа време многу поразвиените држави, кои се во многу подобра општа состојба од Западниот Балкан, нивното залченување постојано се попречува и отежнува“ - изјави Петер Сијарто, министер за надворешни работи и трговија на Унгарија.

Унгарскиот министер за надворешни и македонската министерка за образование потпишаа Меморандум со кој годишно по 20 студенти од Македонија ќе може да добијат стипендии за да студираат во Унгарија. Приоритет ќе имаат студенти во областа на наука, технологија, инженерство и математика, како и медицински и здравствени науки и земјоделство.

Студентите ќе имаат платена школарина, сместување во студентски домови или средства за покривање на трошоците за сместување, право на здравствени услуги, како и месечен надоместок за покривање на основните трошоци.

Утрово Сијарто се сретна и вицепремиерот и министер за транспорт Николоски. На средбата, Николоски го поздрави Договорот за стратешка соработка меѓу Владите на Македонија и Унгарија.

„Овој стратешки договор со Унгарија е многу значаен во време на огромни политички и економски предизвици за Македонија. Партнерството носи само бенефит а соработката со Унгарија никогаш не била на повисоко ниво. Договорот дополнително ќе ни донесе нови проекти во инфраструктурата и верувам дека оваа соработка што ја имаме со Унгарија ќе ја продлабочуваме во периодот што следи” - истакна по средбата вицепремиерот Николоски.