Македонија и ЕУ потпишаа Договор за безбедносно и одбранбено партнерство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска во Брисел потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија.
Договорот за партнерство меѓу земјава и ЕУ ќе придонесе за зајакнување на отпорноста и ќе овозможи заедничко справување со безбедносните предизвици, како хибридните закани, зајакнување на кибер безбедноста, борбата против тероризмот и надворешните аспекти на интегрирано гранично управување, спроведување на мисии и операции и поефикасна соработка во други области од сферата на безбедноста и одбраната. Партнерството воедно претставува значаен чекор во продлабочувањето на практичната соработка меѓу земјава и Европската Унија.
- Партнерството воспоставува платформа за зајакнат дијалог и соработка за безбедносни и одбранбени прашања, што ја одразува решеноста на двете страни да работат заедно за да се справат со заедничките безбедносни предизвици во сè посложена глобална средина, соопшти Европската служба за надворешни работи.
Во соопштението се посочува дека актуелната неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна на Русија против Украина ја истакнува критичната важност на единството и блиската соработка на ЕУ и со нејзините најблиски партнери.
- Северна Македонија е кандидат за членство во Европската Унија и важен и почитуван партнер на ЕУ во областа на безбедноста и одбраната. Како таква, таа е исто така активна трета земја учесник во заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, се додава во соопштението.
Според ЕЕАС, потписот на Договорот за партнерството за безбедност и одбрана ќе биде од корист за граѓаните и на ЕУ и на земјава преку промовирање на мирот, стабилноста и безбедноста.
- Областите за соработка во рамките на Партнерството за безбедност и одбрана редовно ќе се ревидираат за да се следи напредокот и да се осигури дека Партнерството ќе остане цврсто и најдобро се справува со предизвиците што се создаваат, посочува ЕЕАС.
Во соопштението се потсетува и на одлуката на ЕУ од септември 2024 година за обезбедување поддршка од 13 милиони евра во рамки на Европскиот мировен фонд за Армијата на Република Северна Македонија, кој се оценува како важна пресвртница во заедничката безбедносна и одбранбена соработка.
Оваа, заедно со одлуката на Унијата од март 2023 година за зајакнување на капацитетите на вооружените сили на земјава преку подобрување и надградба на опремата на нејзиниот лесен пешадиски баталјон, според ЕЕАС, ја одразуваат благодарноста на ЕУ за целосното усогласување на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, што е нејзин многу јасен стратешки избор за иднина во блокот.
- ЕУ и Северна Македонија стојат обединети во нивната решеност да ја продлабочат соработката во решавањето на итните прашања поврзани со безбедноста и одбраната и да истражуваат нови патишта за заедничка акција. Ова партнерство претставува значаен чекор напред во нивната заедничка заложба за побезбедна и поотпорна Европа, се наведува во соопштението.
Пред потпишувањето на Договорот, на прес-конференција по завршувањето на Советот за надворешни работи, Борел истакна оти овој документ е доказ дека ЕУ е повеќе од само економска унија, туку и дека е политичка унија со одговорности во сите делови на политичкиот живот, вклучително и безбедноста и одбраната.
- Без безбедност не е можно ништо да се прави. Затоа да работиме напорно со цел да осигураме дека Европејците ќе уживаат во безбедноста. Тоа е многу ретка ситуација во светот денес, бидејќи живееме во многу понебезбеден свет отколку пред пет години, нагласи Борел.
Северна Македонија е прва земја од регионот на Западен Балкан што воспоставува вакво партнерство со ЕУ. Во следниот период се очекува ЕУ ваков договор да потпише и со Албанија, откако претходно слични спогодби склучи и со Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Норвешка и Молдавија, како инструменти што дополнително ја потврдуваат посветеноста на Унијата за јакнење на европската безбедносна архитектура.
Ново на Сител
-
Евиденција на основните средства на јавните комунални претпријатија
-
Дали ќе поскапи струјата?
-
Весна Дамева си поднесе оставка
-
Бајрами: Запален е мојот автомобил
-
Верските лидери повикуваат на смиреност
-
Со намалени цени во зима до повеќе туристи
-
Преглед на вестите од светот
-
Забрана за движење на повеќе патни правци