Македонија
27. August 2024 - 16:34

Љутков ја обвини Костадиновска-Стојчевска дека направила премногу злоупотреби

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја обвини неговата претходничка дека направила повеќе злоупотреби, не само со трошењето од службената картичка, туку и кај капиталните инвестиции. Тој кажа дека кога дошол на функцијата основал повеќе работни групи во министерството кои треба да го информираат како се работело во изминатите две и пол години.

Ќе се појавам на посебна прес конференција да отворам страшни работи во делот на нејзиното работење. Работните групи полека ги испитуваат случаите и го испитуваат случајот со трошењето на службената картица. Таму има извештај што е трошено и како е трошено. Ако таа ја негира работната група, тогаш како да ви кажам...Таа работела со тие луѓе. Тие се потпишани на извештајот и се дел од работната група. Полека ќе излегуваат, но има премногу злоупотреби не само во делот на трошењето на народните пари на службената картица, има големи злоупотреби и незаконски работења и во делот на капиталните инвестиции“ – Зоран Љутков, министер за култура и туризам

За ваквите тврдења Сител побара став од Костадиновска Стојчевска. Таа одби да даде изјава, но најави дека веќе подгтовува тужби.

Случајот го испитува и антикорупциската комисија. Предметот беше оформен вчера по допрен глас.

Во текот на денешниот ден е доставено барање до министерството за култура за обезбедување на целокупната поткрепувачка документација во однос на направените расходи за скужбеното патување во Лондон. ДКСК истакнува дека не само од аспект на корупција, туку и од аспект на етика ова е доста сериозно прашање“ – Татјана Димитровска, претседателка на ДКСК

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ продолжи со обвинувањата. Пратеникот Миле Лефков објави месечен извештај за „виза бизнис“ картичката сопственост на Министерството за култура, издадена на име на ексминистерката.

Со народни пари, од државната картичка си купила куфер Samsonite за 219 фунти.Од овој извештај јасно се гледа дека Бисера Антоанета потрошила 89 фунти во Gift Galore London, од каде ги купила и плишаното мече и фудбалската  топка. Бисера Антоанета потрошила и 146 фунти во Gift Box London, од каде како што веќе објавивме не доставила никакви сметки и не знаеме какви подароци си купила. Чорапите, хулахопките и помалиот куфер од 59 фунти Антоанета ги купувала со државни, службени пари во кеш“ – Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ три дена држи прес конференции наречени „Бисера Антоанета“ на кои тврди дека поранешната министерка за култура трошела народни пари за приватни потреби. За утре најавија дека ќе обелоденат и нов случај.