Лијам Фокс: Британија не смее да дозволи да биде уценувана од ЕУ
Британскиот министер за надворешна трговија Лијам Фокс, кој со премиерката Тереза Меј се наоѓа во посета на Јапонија, изјави дека Британија „не смее да дозволи да биде уценувана“ од ЕУ.
Во разговор за Би-Би-Си, Фокс истакна дека „што е можно поскоро“ треба да почнат разговорите за финалниот договор, затоа што тоа е добро за бизнисот.
- Бизнисмените низ светот стануваат нестрпливи околу бавното одвивање на преговорите за Брегзит и забавениот прогрес, нагласи министерот Фокс, повторувајќи го британското барање преговорите за конечниот договор за Брегзит да се одвиваат паралелно.
- Сите ќе имаме полза од Брегзит, ако се обезбеди слободна трговија (меѓу Британија и ЕУ) без тарифни бариери, додаде Фокс.
Тој меѓутоа, одбил да каже која е цената што Британија е подготвена да ја плати за излез од Унијата, освен што истакна дека Лондон не може да прифати да биде уценуван.
Засега ниту една од страните во преговорите формално не споменале колку Британија ќе треба да плати, освен што претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер во една прилика зборувал за износ од 60 милијарди евра.
На крајот од третата рунда на преговорите, што заврши вчера во Брисел, двете страни не го криеја незадоволството поради неуспехот да се договори износот што Британија треба да го плати при своето повлекување од ЕУ.
Шефот на европската делегација Мишел Барние смета дека е постигнат „мал напредок“ во преговорите, додека шефот на британската делегација, Дејвид Дејвис му префрла на Брисел за недостиг од флексибилност.
Уште од почетокот на преговарачкиот процес ЕУ соопшти дека прво ќе мора да се постигне договор за трите основни прашања - сметките околу излезот, правата на државјаните на ЕУ во Британија и границата на Република Ирска и Северна Ирска, па дури потоа ќе може да се преговара за идните односи на Брисел и Лондон и за договор за слободна трговија.
Официјален Лондон, пак, сака да се разговара за сите работи одеднаш, па министерот Фокс од Токио порача дека опстојувањето на таквата позиција на ЕУ претставува „уценување“. Тој вели дека бизнисмените низ светот се нестрпливи што поскоро да се постигне договор.
Реакцијата на британскиот министер доаѓа по откривањето на позицијата на Јапонија, која е во завршна фаза на преговорите за трговски договор со ЕУ.
Владата во Токио сака прво да го склучи договор со Брисел, а дури потоа и со Британија, но откако земјата и формално ќе биде надвор од ЕУ.
Преговорите за Брегзит почнаа во јуни оваа година и треба да завршат до крајот на март 2019 година.
Ново на Сител
-
Има ли Македонија функционален систем за социјално-ранливите семејства?
-
Тема на денот со Синиша Пекевски
-
Железницата Куманово-Бељаковце е пуштена во употреба
-
Преглед на вестите од светот
-
Близначиња починаа од глад и студ
-
Надзорот за смртта на 9-годишното дете е во тек - Политичките партии со меѓусебни обвинувања
-
Дел од маркетите ги замрзнаа цените на дел од основните производи во следните шест месеци
-
Синдикатот на УПОЗ бара средба со Владата