Лицата на приматели на семејна пензија можат да работат
Лицата приматели на семејна пензија конечно ќе можат да работат без притоа да го загубат правото на пензија. Со 73 гласа за пратениците го донесоа Законот за работен ангажман на лица.
Во Законот опфатени се само три дејности – земјоделство, угостителство и домаќински работи како чистење и нега на лица. Но право за ваква работа ќе добијат и други категории на граѓани, како на пример студентите, лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи ги исполнуваат условите за работа, како и странците кои имаат регулиран престој во државата.
Идејата на законодавецот е на овој начин да се намали сивата економија во државата.
-Со овој Закон се креира формална рамка за препознавање на правата на илјадници лица кои се ангажираат за сезонска, привремена или повремена работа кои подолго време опстојувале надвор од системот за социјална и здравствена заштита. И впрочем тоа беше првото барање, од таму тргнавме во целата оваа работа бидејќи најголем проблем беше правното осигурување и социјалната заштита на овие лица.
Но, лицата опфатени со законот се ограничени во само три дејности, но и временски бидејќи ќе можат да работат само четири месеци во годината. Токму тоа се и најголемите забелешки на студентите кои бараат проширување на листата.
-Тука треба да влезат и институции, треба да влезе ИТ сектор, да речеме тератани, продавници, областите на кои студентите студираат. Да не биде само три области согласно коишто ќе може да се работи. Овој Закон е ограничувачки во однос на тоа. А и во однос на времетраењето на работниот ангажаман. Можеш да работиш во една година максимум четири месеци, од кои два месеци кај еден работодавач. Што значи дека во една година, за четири месеци треба да смениш два работодавачи согласно овој Закон, вели претседателот на Универзитетското студентско собрание, Александар Николовски.
Токму поради овие забелешки студентите сега работат на нов предлог на Закон за студентска работа, па преку него да се обидат да ги прошират дејностите кадешто би можеле да работат.
Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ појаснувајќи ги одредбите од Законто вели дека пратениците веќе ги слушнале забелешките од студентите, но оставени се само овие три дејности поради искуствата на соседните држави со вакво законско решение. На овој начин, според него, се штитат и работниците, но самата држава.
-Во Србија се случило да овој Закон биде проширен на повеќе дејности и самите работодавачи да го изигруваат Законот за работни односи и да ги носат работниците според Законот кој е за нив поповолен, како работодавачи, а не за работниците. Ако ние ги вкалкулираме и другите работни дејности надвор од овие три практично ќе направиме дисторзија на системот за пазарот на трудот и работните односи и голем дел од работниците ќе ги загубат сопствените прави бидејќи, како што споменав, во Србија бил вклучен и секторот градежништво а потоа се нотирани големи злоупотреби на Законот и самите работници барале овој Закон да се промени, појаснува Стојановски.
Но што е со категоријата „странци со регулиран престој“? Дали ова значи олабавување на системот за странци кои сакаат да работат тука. Стојановски појаснува, овој дел не се однесува на мигранти, туку овозможување на странците да можат да работат повеќе од една работа во земјата.
-Овој Закон не е за мигрантите, туку еве да речеме, постои лице кое има регулиран престој тука, коешто е фриленсер, а се работи можеби во угостителската индустрија, да може по завршување на работното време за коешто има потпишано договор со работодавецот согласно Законот за работни односи, по овој Закон да биде ангажирано на свое второ или трето работно место кадешто би добил и придонеси, а државата би добил личен Данок на доход и сите други давачки коишто тие се неопходни да ги платат. Бидејќи во моментот по некои наши анализи сите оние коишто се со ваков регулиран престој, а се странци работат многу повеќе од 8 часа, а тие другите часови кои ги работат се во сивата економија, вели Стојановски.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар