Уставен суд: Скандал е поништениот избор за уставен судија
Поништувањето на изборот за уставната судијка Елизабета Дуковска, дел од уставните судии го сметаат за скандал. Одлуката предизвикала сериозни правни последици, и како што велат, вината за преседанот треба да се бара во судскиот совет и управното судство.
„Вака како што е одлучено, излегува дека управното судство кога ќе му текне може да одлучува по конкретне предмет. Овие прашања не се банални, туку чувствителни. Станува збор за избран судија, кој работи две години и после се поништува нејзиниот избор. Овие постапки се од итна природа, судот треба итно да постапува. Може се во секое време, ама не во невреме. Управното судство решава во невреме за поништување на изборот на колешката Дуковска“, изјави Осман Кадриу, Уставен судија.
Заминувањето на Дуковска веќе ја одложи расправата по Законот за јазиците, а дополнително ќе се утврдува уште колку предмети оставила во работа. Првиот човек на Уставен, се надева дека нема долго да чекаат за пополнување на испразнетото место. Поништениот избор треба да го констатира собранието, а предлогот на нов уставен судија е обврска на Судскиот совет.
„Бидејќи поништувачката е одлуката за избор, значи во сила е нашето обраќање до Судскиот совет уште пред да биде избрана нашата колешка Дуковска. Така што, ние нема потреба никому да се обраќаме, на потег е Судскиот совет“, изјави Дарко Костадиновски, Претседател на Уставен суд.
Во меѓувреме, судски закажа седница за во понеделник, но на дневниот ред нема точка за избор на кандидат кој ќе ја замени Дуковска.
Се огласи и професорот Денис Прешова кој ја иницирал постапката за поништување на изборот. Сакал да го тестира управното судство, но и да се зауздат дисркеционите овластувања на Собранието.
„Собранието може да избере единствено некој кој ги исполнува условите за избор, притоа, почитувајќи ја уставно или законски регулирана постапка. Доколку не постои судска заштита, тогаш Собранието нема да има никаков мотив да ги почитува Уставот и законите“, пишува Прешова на Фејсбук.
Управен суд го поништи изборот на Дуковска бидејќи Судски не гласал за нејзините противкандидати, а предлогот до собрание, наместо претседателот или заменикот на судски, го испратил член на советот.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар