Македонија
25. January 2021 - 14:06

Левица: Груби глуми биро за вработување

Дека Македонија одамна важи за држава во која партиското влијание е навлезено во сите пори на општеството, доволно говори фактот што повеќе од 1.300 „работници“, апсолутно без никаква оправданост; без воопшто никаков план во однос на тоа каде и што ќе работат; прво биле примени на работа, а потоа, блиску една деценија, тие воопшто и не се појавувале на своите работни места, а добивале плата од Буџетот на Република Македонија!

За иронијата да биде уште поголема, наместо санкции и барање одговорност за ваквото неоправдано државно трошење, министерот Артан Груби, врши притисок кон поединечните институции и установи, па дури им наметнува обврска, после толку години земање плата, без да се појават на работно место, установите каде овие лица ќе бидат распределени да им обезбедат соодветна обука и стручна спрема согласно работните задачи.

Најочигледна манифестација на партизираноста на нашето општество се токму јавната и државна администрација. Работните позиции во установите и институциите од овој сектор, кој енормно го оптоварува буџетот на РМ, се преплавени со партски лица кои се примени само поради својата партиска или етничка припадност (согласно Рамковниот договор), но без никаква стручност и компетентност. Токму поради ваквите причини, нашата државна и јавна администрација, пред се’ се карактеризира со исклучителна неефикасност и нетранспаретност, а потоа, не помалку важно е и тоа што токму преку овој сектор владејачката гарнитура си ја купува политичката поддршка. Токму ваквата тенденција низ годините покажа како Рамковниот договор се користи само за вработување на корумпираните кадри на ДУИ и зајакнување на политичката моќ на оваа партија, која две децении е дел од секој владејачки режим.

Левица смета дека, крајно време е да запре вработувањето по Рамковен, како селекција по етнички клуч, а наместо ова, треба да се воведе социјална позитивна дискриминација, преку која ќе се дава првенство на лицата од социјално загрозени семејства, децата без родители, децата на стечајците и категории слични на нив, при што воопшто нема да биде од значење нивната етничка припадност, партиска определба, раса, вера, возраст, туку нивниот социјален статус во општеството.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА