Македонија
18. November 2016 - 8:30

„Квартет“ премиерно на малата сцена во МНТ

Македонскиот народен театар вечер на Мала сцеа премиерно ќе ја изведе претставата „Квартет“ по текст на Роналд Харвуд во режија на Зоја Бузалковска, во која играат актери од Драмскиот театар и од МНТ - Лилјана Велјанова, Катина Иванова, Емил Рубен и Благој Чоревски.

Режисерката на прес-конференција рече дека процесот на создавање на „Квартет“  бил необичен, т.е. обратен, зашто актерите, а не таа нив, ја повикале да го режира текстот на Харвуд кој го открила актерката Велјанова. Бузалковска нив ги нарече четврорица маестра на актерството со кои, рече, да се работи е огромна чест и задоволство, а истовремено и голем предизвик, искушение и тест за еден режисер. 

- Се работи за еден фантастичен драмски текст за четири лика кои, секој од нив, има еднаков простор во оваа приказна. Тешки актерски задачи и ужасно сложена режисерска задача, затоа што ова не е претстава во која ќе видите режисерски егзибиционизми, туку се занимава со приказната, со односите, се обидува што поточно, подобро и посугестивно да ја раскаже оваа, би рекла, трагикомична приказна, на моменти  многу  смешна, на моменти ислучително тажна - за четворица некогаш многу познати и популарни оперски пејачи кои сега се наоѓаат во дом за стари луѓе од таа фела, рече Бузалковска.

Замислата за претставата е од пред три-четири години, почнала да се реализира како независна продукција преку „Контрапункт“ со идеја да се игра во Младинскиот културен центар, но потоа се договориле да ја преселат во МНТ каде што, според Бузалковска, претставата и повеќе припаѓа.