Балкан
16. January 2022 - 8:56

Курти и косовското Собрание пресекоа: Нема гласање во Косово за референдумот во Србија

Собранието на Косово донесе вчера, на предлог на Владата на Албин Курти, резолуција со која во иднина се забранува организирање гласање на косовска територија за изборните процеси во Србија.

Повод за резолуцијата беше обидот на официјален Белград да организира гласање на припадниците на српската заедница во средините со мнозинско српско население во северниот дел на Косово, за референдумот што денеска се одржува во Србија со прашање за овозможување промена на Уставот на државата. Референдумското прашање гласи: „дали сте за потврдување на актот за промена на Уставот на Република Србија”.

Со претходната одлука на Владата на Курти и со вчерашната резолуција се прекинува праксата, која датира од 2012 година, косовските граѓани од српска националност да гласаат, со асистенција на ОБСЕ, на изборните процеси во Србија.

Властите во Приштина порачаа дека на косовските Срби со двојно државјанство не им се ускратува правото на гласање на референдумот во Србија, затоа што истото ќе можат да го остварат, „согласно меѓународните стандарди и практики”, преку пошта или во Канцеларијата за врски на Србија во Приштина.

Водачите на косовските државни институции, претседателката на државата, Вјоса Османи, собранискиот спикер, Глаук Коњуфца и премиерот Курти во петокот порачаа дека отворањето гласачки места во северно Косово за српскиот референдум би претставувало „јасно кршење на Уставот и законите на Косово, како и на меѓународните практики”.

Османи, Коњуфца и Курти го објавија заедничкиот став по средбата со претставникот на Европската унија во Приштина и со амбасадорите на таканаречената Квинта, односно петте највлијателни западни земји кои имаат дипломатски претставништва во Косово – САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција – кои побараа да се овозможи гласање на Србите во Косово.

– Освен што повторно се нагласи дека српските граѓани во Косово кои имаат двојно државјанство ќе имаат право да гласаат согласно меѓународните стандарди и практики, значи по пошта или во Канцеларијата за врски, институциите јасно ставија до знаење дека отворањето гласачки центри на Србија на територијата на Косово претставува јасно кршење на Уставот и законите на Косово, како и на меѓународните практики, се вели во соопштението на челниците на највисоките косовски институции по средбата со западните дипломати.

Тие ја повикаа меѓународната заедница „да применува кон Косово исти стандарди како и кон секоја друга држава”, затоа што, како што напоменуваат „независноста на Косово не само што е признаена од мнозинството демократски држави во целиот свет, туку е и запечатена од страна на Меѓународниот суд за правда”.

Досегашните практики на организирање гласање за косовските Срби на избори во Србија, спроведувани со асистенција на ОБСЕ, според новите косовски власти, произлезени од парламентарните избори во февруари минатата година, биле неуставни и не ги обврзуваат институциите во Приштина.

– Косовскиот Устав, законите кои се во сила во Косово, како и меѓународното право и меѓународната пракса не го познаваат правото на една држава да реализира референдум на суверена територија на друга држава. Затоа, досегашните практики кои се применуваа од 2012 година беа неуставни и, следствено, не ги обврзуваат сегашните институции на Република Косово произлезени од јасната волја на граѓаните изразена на 14 февруари 2021 година, порача косовскиот државен врв.

Истите квалификација се содржат и во резолуцијата што вчера, со 76 гласа „за” еден „воздржан” и ниеден „против”, ја усвои Собранието на Косово. За неа, покрај пратениците на партијата Движење самоопределување на Курти, гласаа и две од трите опозициските партии на косовските Албанци, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК).

Најголемата опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ПДК), ја бојкотира седницата, додека најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), која е дел од владината коалиција, ја напушти салата пред да се гласа, обвинувајќи го Курти дека носи „антисрпски одлуки”.

На обвинувањата на СЛ, Курти одговори дека Владата што тој ја води не носи одлуки и не презема дејствија против Србите, туку „се бори против сите криминалци во државата, без оглед на нивната етничка припадност”.

Усвојувањето на резолуцијата го поздрави и претседателката на Косово, Вјоса Османи, која порача дека „Косово ќе продолжи да соработува со сојузниците против дестабилизирачките дејствија на Србија”.

Претходно, против организирањето такво гласање се изјаснија и Советот за заштита на човековите права и слободи на Косово (КМЛДЊ) и други невладини организации, кои порачаа дека тоа би претставувало „тешко газење врз суверенитетот на косовската држава”.

Полицијата на Косово вчера објави дека на граничниот премин Мердаре на косовско-српската граница во петокот вечерта имало обид за внес во земјата на материјал, за кој постои сомневање дека бил наменет за гласање за референдумот што утре ќе се одржи во Србија.

Во соопштението во врска со настанот се наведува дека биле запрени едно патничко возило и два камиони со српски регистерски таблички, со кои патувале шест лица.

– На 14.01.2022, во 21.40 часот, на граничниот премин Мердаре кој ги поврзува Србија и Република Косово (РКС), за влез во нашата држава допатуваа три возила (едно патничко возило и два камиони) со српски регистерски таблички, во кои се наоѓаа шест лица. Полициските единици при реализацијата на задачите и процедурите-контролите кои се спроведуваат при преминувања на границата, забележале дека во камионите бил натоварен материјал за кој се постои сомневање дека се користи за референдумот кој се очекува да се одржи во Србија. Врз основа на официјалните информации, задачите и овластувањата на полицијата, забранет е влезот во РКС на овој материјал кој се превезуваше без соодветна дозвола, соопшти косовската полиција.

Во соработка со правните органи, се вели во соопштението, двата камиони се предадени на надлежните царински власти, додека по интервјуирањето лицата со нивното патничко возило биле вратени назад во Србија.

По усвојувањето на резолуцијата, синоќа се огласи и косовскиот министер за внатрешни работи, кој вети дека ќе се заложи за тоа полицијата да дејствува „според демократските стандарди и со гарантирање на безбедноста за сите граѓани на Република Косово”.

– Ние не можеме и нема да дозволиме Србија да врши надлежности на суверен на територијата на Косово, затоа што косовскиот Устав јасно кажува дека Република Косово е независна, суверена, демократска, единствена и неделива држава. Значи, суверенитетот на нашата земја и територијалниот интегритет на Републиката се неповредливи и неотуѓиви, порача Свечља преку неговата страница на Фејсбук.

Според него, гласањето на српските граѓани по пошта и во Канцеларијата за врски на Србија во Приштина, или на нивните гласачки места во Република Србија, може да се изврши истокако и о Северна Македонија и Црна Гора.

– Истиот начин е пропишан и во другите демократски држави, каде што српските граѓани можат да гласаат во амбасади, како во Австрија, Белгија и Луксембург, Италија, Норвешка, Русија, Франција, Хрватска, Германија, Швајцарија. Исто се гласа и во соседните држави, како Сверна Макеоднија и Црна Гора, напиша Свечља.