Крстот на темпларите во црква во Митровица
Вечерње Новости – Белград
Мистеријата за првиот и единствен храм кој крстоносците го изградиле во Србија трае и денес. Црквата не е изградена во градот, туку на античко место.
Храмот посветен на Свети Стефан, официјално изграден пред четири века во Сремска Митровица е обвиен во мистерија, која трае до ден денес. Историчарите тврдат дека го граделе Римјаните, а потоа христијаните, а некои аналитичари тврдат дека Малата црква, како што ја нарекува народот, е дело на темпларите.
Аналитичарот близок до темпларите Живан Неговановиќ прв ја изнесе во јавност тезата дека Малата црква е дело на крстоносците.
- Ги преживеала Римјаните, Турците и комунистите, вели Неговановиќ.
Изградена е на брегот на Сава и тоа на местото кое одамна го носело името Артемидин мост, што е еден од интересните патокази во далечното и најдалечното минато. Имено, историските извори од 4-от век наведуваат дека во 304 година дошло до масовни егзекуции над христијаните во Сирмиум, кои страдале како жртви на прогонствата на Диоклецијан. А погубувањата се вршеле на Артемидиниот мост на Сава.
Во периодот од раното христијанство, кога христијаните биле прогонувани, обичај било местото на страдањата да биде одбележано со скромни градби, мартириуми. Меѓу бројните маченици (мартири) погубен е и епископот на Смириум, Иринеј и неговиот ѓакон Димитриј.
Точната година на изградбата на овој мартириум, т.е. на црквата не се знае. Според хипотезите на митровичкиот свештеник Владимир Милутиновиќ, постоела скромна црква на православното население, импровизирана од станбена зграда за време на Турците, кои по нивното заминување додале апсид и камбана. Само се претпоставува дека сегашната црква е градена на темели на скромна црква од раниот 17-ти век.
Првиот пишан документ за неа потекнува од 1729 година. Црквата е ориентирана кон правец југозапад-североисток. Визитаторот на Печујската бискупија во 1729 година црквата ја опишал како величествена градба. А визитаторот на Карловачката митрополија во 1732 година црквата ја нарекол стародревна.
- За оваа црква е необично и и дава доза на мистериозен факт тоа што не е изградена на некој од градските плоштади, во центарот, туку на брегот на реката и приодите до мостот, токму на просторот каде страдале христијаните. И каде уште од 4-от век трае континуитет на одбележување на нивното погубување. Значи, ова место е свето уште од дамнешната антика, објаснува кустосот Гордана Крстиќ, од музејот во Сремска Митровица.
Покрај тоа, тука во 18-от век постоеле православни гробишта за што сведочат надгробните плочи кои денес се поставени на страничните ѕидови на црквата. Да се биде погребан во црковниот двор била привилегија на добродетелите и значајните луѓе.
Долгогодишниот кустос др. Мирјана Лесек во своите текстови за знаменитата Мала црква наведе дека богато резбарениот иконостас со сликарска дејност на Теодор Крачун претставува исклучителна појава на подрачјето на Србија. По стилските карактеристики и богатството на мотивите, иконостасот се поврзува за мајсторите на дрворезбарските работилници на југот и на Света гора.
Иконостасот припаѓа на тип со повеќекатни олтарски прегради, во првата зона се престолските икони, а во втората композиции на празници, во третата зона во строго хоризонтална архитектура вметната е композицијата на Света Тројца – Крунисување на Богородица, додека во средина на четвртата зона е распетието со медаљони од Богородица и Св. Јован Крстител, а лево и десно се медаљони со апостолите, меѓусебно поврзани со стилизирани листови и медаљони со пророци поврзани со стилизирана винова лоза и грозје.
Како доказ дека темпларите ја граделе црквата Живан Неговановиќ ја наведува изјавата на митровичкиот сликар и масон Драган Мартиновиќ, кој се сеќава на приказната на покојниот Драган Малешевиќ - Тапи за Малата црква.
- Тапи пред повеќе години во Црквата Св. Стефан имал изложба на оригинали. Тогаш старешина бил свештеникот Мирко Жеравиќ. На мое чудење, Тапи му зборувал дека е тоа храм кои го изградиле темпларите. Нешто подоцна при копање на патека околу црквата, најден е темпларски крст, кој денес стои таму, вели Мартиновиќ.
Драган Малешевиќ сакал да доаѓа во Сремска Митровица. Зборувал дека градчето е црна точка на историјата, бидејќи тука се случиле големи трагедии. Но, исто така секогаш велел дека Митровица е бел град, бидејќи според него во овој град се случило и нешто големо, што оставило трага на српскиот народ. А тоа е токму култната Мала црква.
- Тука порано бил погубен Св. Иринеј, а за ова подрачје се врзуваат и Св. Димитриј, Св. Анастазија, 40 маченици и каменорезци. Тапи велеше дека од нив еден ден во овој град ќе се реинкарнираат 40 ѕидари, симболично 40 масони, раскажува Драган Малешевиќ.
Темпларите се блиски со Српската православна црква и со другите религии. На српскиот патријарх темпларите му упатиле писмо како информација за своето делување. При обредите ги користат српските храмови и го слават Св. Ѓорѓи.
По Втората светска војна, во Малата црква се оставени слики и книги од урнатини и запалени сремски манастири и храмови. Со одобрение на црковните власти прогласена е за Музеј на црковната уметност. Малата црква се води како културно богатство од исклучително значење. Стекнала највисока категорија во категоризацијата на спомениците на културата.
Со ангажирање на протонамесникот митровички Милорад Голијан, овој храм ги собирал сите млади луѓе верници, творци и сите кои во Бога гледаат надеж, утеха и спас. Некои мотиви на иконостасот се неповторливи во светското сликарство.
Призорот на Воскресението Христово на вториот спрат на иконостасот, каде Христос е прикажан како држи лопата во рацете, а пред него клечи Марија Магдалена, не е забележан во аналите на црквите.
Ново на Сител
-
Шеќеринска избрана за Заменик генерална секретарка на НАТО
-
Украина го искористи оружјето на САД
-
Тензична расправа во Собранието за Предлог буџетот за 2025 година
-
Падна одлука: Од следниот месец повисоки плати за сите вработени во здравството
-
Бизнисот бара брзи пруги и патишта, Владата вети – ќе градиме!
-
Најзагадениот град во светот ги полни амбулантите со пациенти
-
Врсничкото насилство е најчесто меѓу основците, оваа година стигнале 30 претставки до омбудсманот
-
Хаос во јавните претпријатија во Скопје