Македонија
1. November 2017 - 13:56

Кривична пријава за недозволено изработување, држење и тргување со оружје

- Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал при МВР, во координација со СВР Велес денеска по претходно добиена судска наредба од Основниот суд Кавадарци, изврши претрес во дом и помошни простории сопственост на лицето Б.С. (46) од Кавадарци и тоа во два објекти во овој град. 
 
При претресот беа откриени и запленети една пушка („паповка“) кал. 7,62 мм, потоа десет прачки динамит („амонит“) со тежина од околу 1,7 килограми, два метри спорогоречки фитил, 97 парчиња муниција од различен калибар и 30 грама тревкаста материја (марихуана), соопшти МВР.
 
Исто така откриена е и разновидна стока (телевизори, радија и друго) која веројатно потекнува од кривични дела „кражба“ и „тешка кражба“.
 
Од страна на СВР Велес, поради постоење сомнение за сторени кривични дела до надлежното ОЈО, против Б.С. ќе биде поднесена кривична пријава за сторени кривични дела - „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ (член 396 од КЗ на РМ); за „тешка кражба“ (по член 236 од КЗ на РМ) и за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори (член 215 од КЗ на РМ).