Крајнодесничарската АфД за првпат стана најпопуларна партија во Германија

Крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) во моментов е најпопуларна партија во земјата, покажува најновата анкета објавена вчера.
Доколку парламентарните избори се одржеа сега, 26 проценти од Германците би гласале за АфД, покажува анкетата на Институтот за социјални истражувања и статистичка анализа-Форса.
АфД на тој начин го престигна конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој падна на второто место со 24 проценти поддршка во анкетата.
Со оглед на тоа што крајнодесничарскиот Национален собир веќе јасно води во Франција, оваа изненадувачка германска анкета веројатно ќе предизвика вознемиреност кај политичарите на мејнстрим партиите низ цела Европа. Во последниве години, десничарските популистички партии постигнаа силни резултати на изборите од Полска до Романија и од Португалија до Холандија.
Во Велика Британија, крајнодесничарската партија „Реформа на Велика Британија“ на Најџел Фараж е исто така на врвот на анкетите поради широкото јавно незадоволство од лабуристичката влада на премиерот Кир Стармер, пишува Политико.
Иако анализата на неколку анкети покажува дека германските христијански демократи сè уште имаат мала предност пред АфД, крајнодесничарската партија е во пораст откако освои речиси 21 процент од гласовите на федерално ниво во февруари, што е нејзин најдобар резултат во историјата. АфД сега е најголемата опозициска партија во Бундестагот.
АфД е основана пред повеќе од една деценија како партија на група професори по економија кои, во средината на европската должничка криза, се спротивставија на еврото и финансиската помош за презадолжените земји. Во првите години, тој редовно освојуваше едноцифрени проценти на гласови на федералните и регионалните избори.
Под водство на отворено радикалната Алис Вајдел, поранешна економистка, АфД сега се залага за тврдокорни антиимигрантски и десничарски популистички политики. Некои политичари од главните партии тврдат дека партијата е толку екстремна што треба да биде забранета според одредбите од германскиот Устав, дизајнирани да спречат повторување на нацистичкото минато.
Последната анкета, исто така, покажа дека Мерц се фокусира на прашања од надворешната политика, како што се војната во Украина и односот на Европа со САД за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп, но исто така и дека тој запаѓа во сè повеќе политички проблеми дома.
Мнозинството Германци, покажува анкетата, се незадоволни од Мерц, а 67 проценти од испитаниците рекле дека не ја поддржуваат неговата работа по неговите први 100 дена на функцијата.
Следните федерални избори во Германија ќе се одржат во 2029 година.
МИА
Ново на Сител
-

Ѓорѓиевски: Кризниот штаб на Град Скопје целосно мобилизиран по силното невреме
-

Силно невреме со пороен дожд, грмежи и засилен ветер го зафати Скопје
-

Уапсен 28-годишник од Неготино, оштетил кафемати и одзел пари од нив
-

Физичка пресметка помеѓу четири лица во скопскиот Градски парк поради одземен телефон
-

Затвореник во Затвор Штип истепал полицаец
-

Руте: Русија и нејзините сојузници се главната долгорочна закана за НАТО
-

Во Шпанија во јуни од екстремно топлото време починале 1.028 луѓе
-

Кавадарчанец загина откако со камион се превртел и паднал во провалија
