Македонија
8. October 2022 - 11:32

Ковачевски: По неколку децении имаме стратешки инвестиции за енергетска независност

Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за КликПлус на ТВ 21 одговарајќи на прашање за инвестициите во енергетиката посочи дека во Република Северна Македонија со децении не се инвестирало во енергетски капацитети. Премиерот истакна дека сепак е многу важно што после 36 години имаме инвестиции во стратешки енергетски проекти кои ќе треба да обезбедат енергетска независност и транзиција на државата кон зелена енергија.

„После 36 години конечно имаме понуда за историскиот проект Чебрен. Се надевам дека комисијата за евалуација ќе констатира дека имаме понуда која ќе може да се прифати. Потоа стратешки проект за ветерници од германскиот ВПД, „Одакуа Франција”, рече Ковачевски.

Премиерот рече дека дел од европските компании коишто беа подалекугледи пред почетокот на енергетската криза направија транзиција кон зелената енергија, односно гаснење на термоелектраните, на нуклеарните централи и преминување на обновливи извори на енергија.

„Дел од компаниите коишто тогаш инвестираа во сончеви системи, со што денес имаат производство на сопствена електрична енергија, којашто им ги задоволува дел од потребите, бидејќи базична енергија не произведуваат фотоволтаици, меѓутоа дел од компании се во фаза на имлементација.

Точно е дека Северна Македонија има комплицирани процедури за инсталација, затоа што такви биле процедурите и никој не ги променил. Ние веќе ги поднесовме сите законски измени потребни за забрзување на процедурите за инсталирање на домашни фотоволтаични системи, за резиденцијалните корисници и за компаниите до 40 киловати на нивните кровови“, рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека сега се ставаат во функција сите капацитети.

„Имаме многу јасен план за производство на електрична енергија во државата, во РЕК Битола, Осломеј, ТЕЦ Неготино веќе работи на еден котел, три недели сите експерти во државата работат на пуштање на вториот котел за производство на електрична енергија, обезбедени се досега количини коишто се потребни за јаглен и за мазут, за производство и во РЕК Битола и за мазут во ТЕЦ Неготино и за Осломеј.

Досега немаше, во план не е да има рестрикции и се надевам дека условите со снабдување со електрична енергија во Европа ќе овозможат да немаме рестрикции во текот на целиот четврти квартал оваа година и првиот квартал идната година. Се работи на ремонт на вториот блок на РЕК Битола и дека на 15 октомври ќе пристигне трансформаторот од Турција кој што лани изгоре, за да се стави во функција и третиот блок.

Веќе ви кажав дека за вториот котел на ТЕЦ Неготино се работи со сите експерти кои ги имаме во државата за негово пуштање во функција. ТЕЦ Осломеј кој што со години не работеше од почетокот на оваа енергетска криза е ставен во функција“, рече Ковачевски.