Македонија
16. April 2025 - 16:35

Кос: И да го смените уставот нема гаранции дека нема да има нови услови

Никој не може да и гарантира на Македонија дека и по промената на Уставот нема да има нови услови за членство во Европската Унија. Еврокомесарката за проширување  во изјава за Европската новинска агенција вели дека ја разбира фрустрацијата на граѓаните но гаранции не може да има.

„Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по се она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис“, рече Кос.

Таа додава дека Брисел останува посветен на проширувањето и дека во таа насока уште денеска заминува на средби во Софија потенцирајќи дека лично ќе се ангажира за надминување на билатералниот спор.

Дека внесувањето на Бугарите во Уставот нема да биде последниот услов потврди и бугарскиот шеф на дипломатијата кој во изјава за бугарските медиуми рече дека уставните измени се само почеток.

Од Македонското МНР остануваат на позициите кои Муцунски и ги пренел на Кос на последната средба минатиот викенд во Луксембург.

„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја реафирмира својата јасна позиција: процесот на проширување на Европската Унија мора да биде предвидлив и заснован на објективни, мерливи критериуми, дефинирани во Копенхашките критериуми. Преговорите треба да се водат врз основа на заслуги. Во оваа прилика ја нагласуваме неопходноста ЕУ да обезбеди институционални гаранции дека билатералните прашања нема да бидат инструментализирани за блокирање на пристапниот процес“ – велат од МНР за Сител.

Со став се јавија социјалистите. Велат, изјавата на Кос е потврда дека и по промената на Уставот ќе следат нови бугарски блокади.

„Социјалитичката партија на Македонија укажува дека прием во ЕУ по секоја цена е неприфатлив за македонскиот народ кој е горд на своите достигнувања и својот идентитет и култура.

Преговори под услови на уцени и со најави за идни блокади без било какви гаранции согласно критеруимите од Копенхаген не се прифатливи“ – се вели во соопштението на Социјалистите.