Координативен состанок на Заев со лидерите на коалициските партнери
Координативен состанок се одржува попладнево во Владата меѓу премиерот во оставка Зоран Заев и лидерите на партиите, кои се дел од владејачката коалиција.
Како што информираа за МИА од коалицијата, на состанокот со Заев ќе присустуваат претседателите или потпретседателите на партиите од актуелното собраниско мнозинство. Станува збор за првични разговори за нов премиер и состав на нова Влада, откако вчера Заев по поразот на локалните избори поднесе оставка од челната функција во Владата, но и од лидерската позиција во владејачката СДСМ.
На состанокот ќе се разговара и за можниот распоред за собраниска седница за оставката на премиерот и изборот на нова влада.
По вчерашната оставка на премиерот Заев, според Уставот на Република Македонија, сега цела Влада е во оставка сѐ до изборот на нова.
– Ја преземам одговорноста за лошите резултати од овие избори, изјави вчера Заев, честитајќи им на политичките опоненти на изборната победа.
Тој сепак нагласи дека останува на ставот дека не треба да има предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што рече, претстојат две и пол одлични и неповторливи години за државата од кои корист ќе има целиот народ и држава.
– Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам, да се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено, рече вчера Заев.
Коалицијата „Можеме“ која е предводена од СДСМ, е сочинета и од Беса, НСДП, ЛДП, ДОМ, Демократски сојуз, ВМРО-НП, Партија на пензионери, Српска странка во Македонија, Партија за движење на Турците и Демократска партија на Турците. Заедно со ДУИ и ДПА коалицијата има 62 пратеника и мнозинство во Собранието. СДСМ има 30 пратеници, Беса четири, НСДП и ЛДП по два, по еден пратеник имаат ДОМ, Демократски сојуз, ВМРО-НП, Партија на пензионери, Српска странка во Македонија, Партија за движење на Турците, Демократска партија на Турците и еден независен пратеник. ДУИ има 15, а ДПА еден пратеник.
Пратеникот од ДУИ Арбер Адеми вчера во изјава за Сител оставката на Заев ја оцени како избрзана, нагласувајќи дека изборите биле локални, за локални теми, а не за националните политики.
Ново на Сител
-
Телефонски разговор Ципрас-Заев: Ја истакнале важноста на почитувањето на Договорот од Преспа
-
Жената носи живот | Мери Амбросова | Личен развој | Sitel Podcast 036
-
„Паркови и зеленило“: Немаме склучено договор со Владата за одржување на дворот на владиниот објект
-
„Европскиот фронт“ обвинува за обид преку ДИК да му бидат одземени еден до два пратенички мандати
-
ДИК прифати приговор на коалицијата „Влен“ за избирачкото место во Желино
-
Претепан вработен во казино од три лица на кои им бил забранет влезот
-
На сила го внел во возило и му украл накит и 2.500 евра - Кривична пријава за 40 годишник од Скопје
-
Тепачка во ресторан во Драчево