Комисијата за еднакви можности ќе одлучува за Надзорна расправа за заштита од семејно насилство

Собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите денеска ќе одржи седница, на чиј дневен ред е Предлог одлуката за одржување на Надзорна расправа на тема: „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација,предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт“.
Иницијатива е поднесена од пратеничките Жаклина Пешевска и Моника Зајкова. Се посочува дека оваа иницијатива се поднесува имајќи ја предвид потребата Собранието, преку своите надлежни работни тела и во рамки на својата надзорна функција, да обезбеди подетален увид во тоа како надлежните институции ги спроведуваат законите, политиките и механизмите за превенција и заштита од семејно насилство и насилство врз жените, како едно од суштинските прашања поврзани со човековите права, безбедноста, достоинството, недискриминацијата и еднаквите можности на жените и мажите.
- Семејното насилство и насилството врз жените не е само прашање на поединечна институционална реакција, туку прашање на функционалноста на целиот систем, на меѓуинституционалната координација, на навременото и ефикасно постапување, на достапноста на услугите и на постоењето на јасни и применливи механизми за заштита. Оттука, потребата од парламентарна расправа за ова прашање како легитимно барање за системско согледување на состојбите, анализа на спроведувањето на законите кои ја опфаќаат оваа проблематика и утврдување дали институционална поставеност обезбедила и дали ќе може да обезбеди навремена, координирана и ефективна заштита, се вели во Предлог-одлуката.
Оваа иницијатива, како што се нагласува, е поставена исклучиво во рамки на надзорната функција на Собранието над Владата и органите на државната управа, односно како системска расправа за спроведувањето на законите, политиките и институционалните мерки од страна на органите на извршната власт. Предметот на расправата, како што се вели, е поставен така што Комисијата да добие општа, агрегирана, системска и институционална слика за начинот на кој функционира механизмот за превенција и заштита.
Во Предлог-одлуката се посочува дека потребата од оваа надзорна расправа произлегува од неколку клучни аспекти.
- Прво, прашањето за превенција и заштита од семејно насилство и насилство врз жените има силна јавна, институционална и општествена димензија. Ефикасноста на институционалниот одговор не се оценува само според постоењето на закон, туку според неговата примена во пракса, координацијата меѓу институциите, пристапноста на мерките за заштита и довербата на граѓаните во системот. Второ, ова е прашање што директно се поврзува со еднаквите можности. Институционалниот одговор на насилството мора да биде недискриминаторен, достапен и ефикасен. Доколку постојат институционални слабости, недоволна координација, недостиг на кадар, нееднаква пракса или ограничен пристап до поддршка, тоа влијае директно врз остварувањето на еднаквите можности и врз реалната заштита на лицата изложени на ризик. Трето, парламентарната надзорна расправа е соодветен механизам за да се добијат информации, мислења и појаснувања од надлежните органи, со цел Собранието да може да извлече заклучоци и доколку е потребно да иницира натамошни институционални, политички или законски подобрувања, се вели во Предлог-одлуката за одржување на надзорната расправа.
Надзорната расправа, како што се посочува во Предлог-одлуката, би имала за цел Комисијата да може, врз основа на добиените информации и стручни мислења да изгради покомплетна слика за функционалноста на институционалниот систем, како и да предложи заклучоци препораки за нивно унапредување.
МИА
Ново на Сител
-

Тешки сведоштва за насилството врз Ивана и Катја
-

Полицајците на обвинителна клупа за „Пулс“, но судењето не почна
-

Крмзов во инвалидска количка на првото рочиште за затајување данок
-

Мицкоски очекува Савески да реотвора предмети, за Филипче обвинителот бил под контрола на власта
-

Детската песна за „Голема Албанија“ поттикна реакции – според АВМУ содржината шири омраза
-

Опозицијата ќе ја известува ЕУ за системска блокада на интеграциите
-

Викендов ќе се знае дали ќе продолжи намаленото ДДВ на горивата
-

ММФ предупредува: Војната ќе ја зголеми инфлацијата и ќе го забави економскиот раст
