Македонија
6. јуни 2016 - 14:18

Комисијата треба да донесе заклучок за основаноста на предлогот за импичмент на Иванов

Комисијата за оценување на основаноста на предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија денеска треба да донесе заклучок за основаноста за барањето за импичмент што го поднесе опозицијата.  

Комисијата и денеска расправаше за барањето за импичмент. До 14 часот беше дадена пауза по што треба да бидат разгледани предлог-заклучоците. Без разлика на тоа каква одлука ќе донесе Комисијата, иницијативата за импичмент ќе биде разгледана на собраниска седница што треба да се одржи на 13 јуни. 

За Рената Тренска Дескоска од СДСМ заклучоците во извештајот се донесени  во нецелосна процедура која, како што рече, е водена на начин да не се утврдат фактите. Побара во заклучокот да биде ставен ставот дека иницијативата за одговорност е основана и дека претседателот Иванов го прекршил Законот за помилување и Уставот, како и Собранието да продолжи со постапката за утврдување на одговорност.

- Владејачкото мнозинство на неделовнички начин си обезбеди мнозинство во Комисијата поради што не очекувавме дека ќе имаме темелно водена постапка како што е пракса во демократските земји кога станува збор за постапка за импичмент. Постапката кај нас беше без темелно изведување на докази и без утврдување на факти и затоа не ни очекувам дека мнозинството ќе се осмели  врз основа на нашите изнесени факти и врз Уставот да донесе оценка онаква каква што треба, рече Тренеска Дескоска.

Таа посочи дека претседателот Иванов не доставил писмено изјаснување  за наодите од предлогот за покренување постапка за утврдување на негова одговорност. Додаде дека тој како и секој граѓанин може да го користи правото да не даде исказ, но потенцира дека за разлика од кривичната постапка  во која молчењето не се користи против лицето, во постaпката за импичмент важи спротивното правило, односно дека треба да биде транспарентен и да ги даде потребните одговори и појаснување.

- Секој претседател кој има аргументи на своја страна би дошол и би ги кажал своите аргументи. Очигледно молчењето на Ѓорге Иванов значи одобрување на нашата иницијатива и немање на аргументи, рече Тренеска Дескоска и додаде дека првиот пример на постапка за импичмент не беше воден на начин на кој доликува - со темелна истрага на фактите и утврдување на заклучок во согласност со устав и закон.

Во процедурална забелешка Крсто Муковски од ВМРО-ДПМНЕ порача дека извештајот е сублимат на се што се дискутирало  во изминатите денови за постапката за импичмент и додаде дека поднесокот од опозицијата бил доставен на две и пол страници.

- Врз основа на сите дискусии што ги имавме како пратеници во Комисијата е направен овој извештај како сублимат и на крајот треба да биде ставен заклучокот. Не знам колку страни треба да биде извештајот, но како што видов внатре е опфатено се она што го дискутиравме изминатите денови, рече Мукоски, нагласувајќи дека извештајот е преголем за поднесокот кој е со таква големина и неаргументираност и од законска и од уставна рамка.

Нагласи дека за владејачкото мнозинство поднесокот на СДСМ за импичмент е целосно неиздржан и не се темели на правни аргументи, туку е уште еден неуспешен обид да се удри по највисоката институција Претседател на Република Македонија со цел да се зголеми хаосот и безредието во земјава.

- На крајот граѓаните може да ценат по дебатата кој бил во право, а кој не, и дали претсеателот Иванов ги злоупотребил своите овластувања, односно дали донел или не противзаконска и противуставна одлука. Ние сме длабоко убедени оти одлуката на Иванов се водела пред се од државнички интереси, иако како партија не се согласуваме со таквата одлука, бидејќи нашата крајна цел и надеж е дека вистината мора да излеазе на видело, потенцира Мукоски. 

Талат Џафери од ДУИ рече дека претседателот Иванов во сомнителна постапка која се коси со законските одредби ја донесе одлука за помилување.

- Одлуката за помилување е базирана на акт на Уставниот суд со која се создаде законскиот услов за нејзино спроведување. Не држи и фактот дека актот на помилување е направен за интерес на земјава зашто наместо да придонесе на намалување на политичката криза ја продлабочи. Не држи ни дека е поврзана со мигрантската криза на јужната и северната граница, бидејќи  во времето кога ја донесе одлуката, состојбата на јужната граница беше порелаксирана по договорот Турција-ЕУ и повлекувањето на мигрантите од границата со Македонија, рече Џафери.

Потенцира дека одлуката на Иванов придонела за продлабочувањето на кризата во земјава поради што, како што рече, треба да се дебатира за неговата одговорност.

- Фактот што Иванов ја искористи законската можност што му се даде за да ја повлече одлуката говори за неговата одговорност и неговото освестување дека е одговорен за создадената ситуација. Тоа е аргумент плус за да ја поддржиме иницијативата за покренување на политичка одговорност, рече Џафери и додаде дека во заклучоците на Комисијата треба да стои дека Собранието треба да дискутира и да донесе соодветна одлука за да се оцени одговорноста на претседателот Иванов.