Кој е новиот претседател на Светска банка Дејвид Малпас?
Дојче веле – Бон
Пролетниот состанок на претставниците на Светската банка и ММФ, претставува и премиера за новиот претседател на Банката, Дејвид Малпас. Кој е тој? Освен што за него навиваше Доналд Трамп.
Секој знае дека оваа американска влада под претседателот Трамп го претставува принципот „Америка на прво место“ и дека нема добро мислење за меѓународните организации. Исто така е познато дека Дејвид Малпас ја застапуваше и спроведуваше оваа политика. Сега тој стана претседател на Светската банка, а американскиот претседател Трамп при неговата номинација во февруари оваа година не остави сомнеж дека тој дефинитивно сака „свој човек” на чело на Светската банка.
„Тоа е еден од главните приоритети на мојата влада: ефикасно и мудро да се трошат парите на даночните обврзници на САД, да служи на американските интереси и да ги брани американските вредности. Дејвид е заговорник на одговорно однесување на Светската банка. Тој се бореше за тоа таа да се насочи кон места и проекти на кои навистина им е потребна помош, на луѓето во голема сиромаштија”.
Тука има и мала зајадливост на американскиот претседател упатена кон Европејците: луѓето во сиромаштија, не помош на земји како Грција. Тоа досега беше и мислењето на Дејвид Малпас. Има 63 години и е конзервативен економист, кој веќе работел за администрациите на претседателите Роналд Реган и Џорџ Буш пред да стане главен економист во Беар Стернс. Банката пропадна за време на финансиската криза во 2008 година, а критичарите го нападнаа Малпас, што само неколку месеци пред крахот го потценуваше целиот проблем.
Уште во кампањата за претседател, Малпас се ангажираше во тимот на Доналд Трамп и на крајот беше назначен за државен секретар во Министерството за финансии задолжен за меѓународните односи. Тој уште тогаш имаше работа со Светската банка.
Што е со проектите за заштита на климата?
Неговото влијание на таа меѓународна финансиска институција е тешко да се процени: од една страна, тој постојано ја критикуваше Банката дека дава преголеми кредити на земји на кои дури и не им треба таква помош. Тој смета дека таквиот мултилатерализам оди премногу далеку. Од друга страна, минатата година значително влијаеше за капиталот на Светската банка да биде значително зголемен. „Извојувавме важен капитален раст и пакет реформи. Сега Светската банка има огромна можност да ја спроведе таа конструктивна реформа, што ќе доведе до побрз економски раст и поголем просперитет“, рече Малпас.
И пред пролетната седница на Светската банка и ММФ, Малпас почна да ги убедува своите соработници дека ќе се држи до основните принципи на Светската банка. Но, меѓу главните теми на Банката се климатските промени: владата на Трамп не верува во климатските промени и го напушти Парискиот договор за клима. Но, Светската банка во цел свет финансира проекти насочени кон заштита на климата.
Пред состанокот тој ги измеша малку работите: да, исто така ќе се залага за проекти за заштита на климата, бидејќи климатските промени најмногу ги погаѓаат најсиромашните жители на нашата планета. А поради климата нив ги има се повеќе и според најновите бројки 700 милиони жители на Земјата живеат во сиромаштија.
Но, постои уште едно големо отворено прашање, каде допрво треба да се види што ќе направи Малпас: тој постојано ја критикуваше Светската банка што сè уште дава поволни кредити на Кина, иако е земја која стана втора по големина економска сила во светот. Досега, Светската банка досега секогаш беше во можност да ја наметне својата политика, а според економистот Есвар Прасад, ова е за нешто друго: се работи за влијание. „Светската банка е загрижена дека ако позајмува пари само на најсиромашните земји, тогаш нема да има никакво влијание врз земјите кои имаат брз економски раст”.
Да се има влијание: тоа е аргументот што Малпас го разбира. Па така, тој рече дека односот на Светската банка кон Кина „ќе продолжи да се развива”. Тука станува збор за „силно партнерство и соработка”.
Како нејзин претседател, Малпас може силно да влијае врз политиката на Светската банка, но тој нема да може сам да одлучува. Постојат извршни директори, избрани од земјите-членки и тие можат многу работи да сменат. Критичарите на Малпас се надеваат дека тие внимателно ќе ја следат неговата работа.
Ново на Сител
-
Белингем прогласен за најдобар играч минатата сезона во Примера од страна на Здружението на фудбалери на Шпанија
-
Бостон ги победи Клиперс и ја продолжи победничката серија на шест натпревари
-
Џенерал Моторс влегува со свој тим во Формула 1
-
Лига на шампиони: Алонсо на располагање има само 13 фудбалери
-
ЦУ: Спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови, како и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне
-
Скопје и утрово на листата на најзагадени градови во светот
-
Брнабиќ: Опозицијата сака граѓанска војна, власта сака работа и просперитет за сите граѓани
-
61-годишна жена го роди своето прво бебе на Клиниката за гинекологија