Македонија
26. јуни 2024 - 21:17

Кога ќе проработат новите камери на улиците и за кои прекршоци ќе се казнува?

Новите камери на сејф сити забрзано се монтираат по улиците на Скопје. Засега снимаат но не се регистрираат прекршоците. При тест на новиот надграден систем само за 2 часа  успешно биле детектирани над 5.000 прекршоци. Камерите ќе се користат за казнување  откако претходно ќе се изгласаат измени во законот за безбедност во сообраќајот и законот за прекршоци, што значи треба да поминат сите фази од предлог, преку собраниска процедура до донесување на измените во овие закони. Потоа, треба да се спроведе јавна кампања и учесниците во сообраќајот официјално да се известат дека камерите се ставени во функција. Во јавноста се јавија реакции дали со овие снимки може да бидат злоупотребени лични податоци на граѓаните и како ќе се спречи злоупотреба. Извори за Сител велат дека камерите се со висока резолуција и целта ќе биде да се идентификува лицето кое управува со возилото а не кој друг се вози во автомобилот.

-Целта со новите камери во системот сејф сити е да се зголеми безбедноста во сообраќајот но истите ќе помогнат и во расветлување на други кривично прекршочни постапки за попрецизно утврдување на идентитет и полесно пронаоѓање на сторителите.  Со овие камери ќе казнува за брзо возење, минување на црвено, опасно престројување, непрописно запираање и паркирање на коловозни ленти.

Експертите сметаат модернизацијата на системот е во функција на зголемување на безбедноста но и намалување  на жртвите во сообраќајот. Надлежните треба да размислат и за сигнализирање за помош при сообраќајни несреќи.

На листата најбезбедни градови кои располагаат со модерен сејф сити систем во Европа прв  е Хаг, потоа Минхен а веднаш по нив се  Љубљана и Загреб. Скопје засега е далеку од позитивната листа, бидејќи се уште се соочува со необележани сообраќајници, лош јавен транспорт, недоволен простор за велосипедисти и пешаци.