Македонија
5. May 2017 - 9:38

Ќосески-МакТирнан: Се интензивираат односите Македонија - Австралија

Почесниот конзул на Република Македонија во Западна Австралија Зоран Ќосески се сретна со министерот за регионален развој, земјоделство, храна, вработување и трговија Алана МакТирнан при што разговарале за унапредување на трговско-економските односи меѓу Западна Австралија и Македонија.

Како што соопшти канцеларијата на Почесниот конзулат, на средбата, на која присуствувале и координаторот на владејачката парламентарна партија Дејвид Мајкл и парламентарката Џесика Стојковска, двајцата соговорници изразиле задоволство од интензивирањето на соработката меѓу двете земји.

- Конзулот Ќосески и министерката МакТирнан изразија обострано задоволство од развојот на билатералните односи меѓу Австралија и Македонија и во тие рамки и Западна Австралија, за кои се согласија дека се интензивираат и унапредуваат на сите нивоа и се во нагорна линија, се наведува во соопштението.

Министерката МакТирнан, се додава, истакнала дека во рамките на својата мултикултурна политика, Владата на Западна Австралија ќе продолжи и во иднина како и досега да ја почитува македонската заедница како и сите други етнички заедници кои живеат во Австралија и да дава поддршка на македонската заедница за нејзините проекти
за развој и зачувување на нивниот јазик и идентитет во Австралија.