Кјоб за Сител: Новата влада има добри економски приоритети но треба да се види реализацијата
Интервју со Анет Кјоб,
Шеф на мисијата на ММФ за Македонија
Каде според анализите на ММФ се наоѓа Македонија според економските параметри споредено со земјите од регионот?
Кјоб: Она што бројките го покажуваат е дека Северна Македонија значајно заостанува зад земјите од својот регион од 2015та. Бруто домашниот производ (БДП) е околу 10 проценти споредено со предпандемискиот период. И ова е многу пониско споредено со другите земји од регионот на Западен Балкан каде сегашните стапки на БДП се можеби 4 до 5 % пониски од оние пред ковид пандемијата додека во ЕУ сегашните нивоа се за околу 2 проценти пониски од периодот пред глобалната криза.
Дел од причината се двата глобални шокови со кои се соочија сите земји- пандемискиот шок како и енергетската криза кои ја погодија Северна Македонија посилно отколку другите економии. Во еден дел причините се структурни, Северна Македонија е поотворена економија насочена кон производство за разлика од другите земји во регионот кои веднаш почувствуваа подобрување на економската состојба штом им се врати туризмот на пример, што не е случај со Северна Македонија која како што кажав е по насочена кон производство, многу поинтегрирана во ланецoт на снабдување на еврозоната, па со успорувањето во еврозоната Северна Македонија исто така мораше да почувствува забавување.
Но има и други фактори кои влијаат на состојбата во Северна Македонија- тоа се бизнис климата, корупцијата, административните бариери, промената на регулативи, бирократијата, се ова се работи кои инвеститорите ги посочуваат како слабости на системот во Северна Македонија кои ја ставаат во понеповолна позиција споредено со земјите од регионот.
Гледано на долг рок, можете да забележите дека значително сме ги намалиле прогнозите за растот. Повторно би потенцирала дека на тоа влијаат структурните прашања коли го забавуваат растот на македонската економија, фактори како емиграција од која Северна Македонија е далеку попогодена споредено со другите земји од регионот, и со вака лоши перформанси на растот тоа влијае на фискалните агрегати, и ако погледнете кај фискалниот баланс, Северна Македонија има значително полоши резултати од земјите од регионот со многу повисок фискален дефицит. Поради сето ова има и значителен раст на јавниот долг.
Тука можеме да погледнеме како се движел јавниот долг од 2018та до 2024 и ќе забележите дека долгот се зголемил за 15 процентни поени, за разлика од Црна Гора и Албанија каде дури има и намалување на јавниот долг во овој период.
Тука ние детектираме дека проблемот е во композицијата на трошењата. Северна Македонија троши многу повеќе на непродуктивни ставки споредено со капитални трошења
Кога велам непродуктивни мислам на плати, дневници, пензии, кои се многу повисоки како процент од БДП споредено со другите земји од регионот кои трошат повисок процент од своите приходи на капитални трошоци и инвестиции.
Мислам дека ова се факторите кои ја разликуваат земјата од останатите. Не се работи за тоа дека трошењата се значајно повисоки од другите земји туку дека значително повеќе се издвојува за тековни трошења наспроти капитални проекти и инвестиции.
Како ги коментирате новите политики кои ги промовира новата влада. Впрочем тие најавуваат повеќе капитални проекти.
Кјоб: Ветувањето е добро, поставена е вистинската цел, вистинскиот приоритет- да се зголемат капиталните трошења наспроти тековните трошења. Се разбира ова треба да биде придружено со сите неопходни чекори за гарантирање дека ќе се работи за ефикасно трошење, во смисла на ефикасно менаџирање на трошењето на јавните пари, да се искорени корупцијата, да се изберат проекти кои ќе имаат најголем импакт на растот, сето ова е многу важно. Значи не само да се зголемат капиталните инвестиции туку да се приоретизираат добро документираните и добро избрани проекти.
Во овој момент можеме да ги коментираме поставените цели за зголемување на капиталните трошења и да, тоа е добра цел но ѓаволот е во деталите, во тоа како ќе се реализираат овие проекти, кои проекти ќе бидат избрани. Би било добро да се реализираат коридорите 8 и 10д како и автопатот Кичево -Охрид. Би било добро да се реализираат до крај овие проекти бидејќи тоа се скапи проекти и граѓаните кои плаќаат даноци треба да добијат соодветна инфраструктура.
Значи да заклучам, владата има поставено добри цели но треба да се види нивната реализација, дали ќе се зголемат капиталните трошења и дали ќе се намалат тековните расходи бидејќи од она што до сега го гледаме платите се уште дополнително растат, пензиите се уште растат а тоа треба да се контролира.
Би сакала тука да искоментирам дека Македонија се соочи со исклучително висока инфлација за време на двете кризи, Ковид и енергетската криза, пензиите и другите социјални трансфери се уште не можат да одговорат на потребите на граѓаните, овие категории живеат со низок животен стандард и квалитет, ги трошат сите свои пари на храна и сметки а токму за овие две ставки имавме највисока инфлација. Затоа одредени корекции на исплатите веројатно се неопходни како социјална мерка а не толку како политика за стимулирање раст преку зголемена потрошувачка.
Кјоб: Да, имате право, економијата е важна токму поради потребата од зголемување на стандардот на живот на просечниот граѓанин и обезбедување услови во кои граѓаните нема да западнат во сиромаштија. Но, за ваквите политики за менаџирање на сиромаштијата веројатно линеарното зголемување на пензиите на сите пензионери не е најисправниот чекор. Веројатно е подобро да се таргетираат пензионерите кои спаѓаат во пониските категории наспроти оние со највисоки примања, пропорционално, наместо линеарно 5000 денари за сите. Настрана од тоа, Северна Македонија троши повеќе за пензии од своите соседи.
Важното тука е да се потенцира дека зголемувањето на пензиите не треба да биде ад хок. Треба да има формула, независно дали е тоа формула која наложува зголемување на пензиите со инфлацијата или со инфлацијата и платите, во двата случаи тоа треба да е формула која е транспарентна и едноставна за пензионерите да ја разберат. Значи не да се укинуваат законските одредби со ад хок решенија туку да се воспостави и одржува систем за зголемување на пензиите. Зголемувањето да се базира на правила, и за платите и за пензиите, за да секој знае дека ако контрибуира еден дел од својата плата ова е износот кој ќе го добијам. Единствен начин да се одржи тој баланс помеѓу контрибуцијата и она што ќе го добиете е ако постои формула за зголемување.
Значи ние и Светската Банка како институции очекуваме авторитетите да се вратат на системот базиран на правила.
Исто така во однос на платите го разбирам вашиот аргумент дека тие не одговараат на состојбите но мислам дека зголемувањата се во јавниот сектор кој според моето разбирање е добро ренумериран споредено со приватниот, имате бизнис асоцијации кои се жалат дека не можат да вработат квалитетни работници бидејќи сите работат во јавниот сектор па за ова мора да се размисли.
Во делот на платите имате генерален колективен договор кој дефинира како платите треба да растат во различни сектори. Ова треба да се почитува наместо постојано да се репреговараат гранкови договори во здравство или образование на пример. Вие веќе имате систем за раст на плати во јавниот сектор кој функционира базирано на инфлација и раст на продуктивноста. Вие не можете да си дозволите платите да растат побрзо од продуктивноста бидејќи тогаш целокупното производство на Северна Македонија ќе биде неконкурентно. Ако ги плаќате работниците повеќе од останатите работници во земјите од Западен Балкан, вашите добра на меѓународниот пазар ќе бидат поскапи. Значи ја губите конкурентноста. Иако го прифаќам вашиот аргумент дека платите треба да растат поради инфлацијата и загубената куповна моќ на граѓаните, има и други фактори кои треба да се земат предвид. И повторно, најдобар начин да се помогнат ранливите домаќинства е да ги таргетирате нив наместо да воведувате мерки за целата популација.
Забележав дека има разлика меѓу прогнозата на раст на Светската Банка и прогнозата на ММФ, 1.8 наспроти 2.2 проценти на ММФ. Зошто е тоа така?
Кјоб: Знаејќи колку е прецизна статистиката во Северна Македонија тоа не е голема разлика во смисла на тоа дека вашиот раст за 2023та беше значително ревидиран од -1 на 2.1, ова е голема ревизија. Значи работиме со „бучна“ статистика, не знам кога точно Светската Банка ги правела ревизиите, но ние имаме различен пристап во тоа како ги гледаме промените во втората половина на 2024та. Значи имаме податоци за првата половина на 2024та, за потоа треба да се земе предвид извозот, потрошувачката и други значајни параметри како на пример инвестициите. Во оваа фаза земајќи ги предвид овие прашања, се чувствуваме „комотно“ на предвидениот раст од 2.2 проценти а следната прогноза ќе ја дадеме во средината на јануари 2025та но извесно е дека прогнозата ќе оди нагоре а не надолу.
Европската Унија почна со реализација на Планот за Раст тежок 6 милијарди евра, Македонија треба да добие дел од колачот. Очекувањата на ЕУ се дека ќе се дуплира растот во следните 10 години. Кои се вашите очекувања? Колку е реалистичен овој план?
Кјоб: Планот за раст на Европската Унија за земјите од западен Балкан е вредна иницијатива која, со дополнително финансирање и реформски моментум, може да придонесе за повисок раст. Поважно, исто така, може да помогне да се унапредат некои од придобивките од пристапувањето во ЕУ. Добивки што ги видовме на пример во кругот на проширување во 2004 година. Во тоа време, пристапувањето во ЕУ и реформите што ги донесоа новите членки им овозможија да го поттикнат среднорочниот раст и помогнаа да се забрза конвергенцијата кон земјите со повисоки приходи. Во белешката за нашата регионална економска перспектива за Европа која ќе биде објавена на 3 декември, покажуваме дека минатите кругови на пристапување им овозможија на новите членки на ЕУ да добијат околу 30 отсто поголем приход по глава на жител за петнаесет години по пристапувањето во ЕУ. Структурните реформи и подобрувањето на институционалниот квалитет беа клучни за многу земји бидејќи овие напори го подобрија деловното опкружување, помогнаа да се привлечат СДИ и го зголемија приносот од пристапувањето во ЕУ.
Во Вашингтон разговараше Славица Арсова.
Ново на Сител
-
23 годишник прегазил 75 годишна жена во Куманово
-
Го оштетил буџетот на МВР за скоро 80.000 денари - поднесена пријава за злоупотреба на службена положба
-
Бајрами не е избеган, само не живее во државава, вели неговиот адвокат
-
Европската комисија предупреди на загрижувачката економска ситуација во Германија
-
Почесниот конзул на Косово на информативен разговор во полициска станица Карпош, се поврзува со бегството на Груби
-
Инфлацијата во еврозоната расте помалку отколку што беше првично проценето
-
Од петок цело Скопје без вода
-
Од 1 јануари поскапа струја во просек за 0,92 проценти