Македонија
4. October 2023 - 16:48

Ќе се штеди на патувања, телефони и возила

Владата одлучи да штеди од 1 јануари. Сите претпријатија ќе мора да ги намалат службените патувања, помалку да зборуваат на телефон и поретко да купуваат возила и мебел. Институциите ќе треба повеќе да штедат струја, а наместо нови вработувања, преку прераспределба да се земаат работници од други инсититуции.

Претпријатијата кои работат загуба треба да ги намалат трошоците за 20%, но за нив има друга дилема.На социо-економскиот совет власта препорачала да не го зголемуваат бројот на вработени, но во соопштението на Министерството за финансии, пишува дека тие треба да го намалат бројот на вработени, што воопшто не е исто. Од Владата не одговорија дали овие претпријатија ќе треба само да ги задржат вработените или пак нивниот број ќе се намалува со прераспределба или отпуштања. 

„Таков податок и такви мерки кои ни беа доставени на состанокот на социо-економскиот совет воопшто немаше“ – Столе Кашиковски, УПОЗ

Експертите сметаат дека прво треба да се оцени ефикасноста на една институција за да се види колку таа може рационално да се однесува.

„Јавните претпријатија, на пример. Тие се снаоѓаат со сериозни предизвици. Тие треба да испорачаат јавни услуги за граѓаните. Што ако се случи ситуација, од јавните услуги и така не се задоволни граѓаните, уште повеќе да се намали квалитетот во ваквата потреба да заштедиме“ – Борче Треновски, универзитетски професор.

Професор Треновски вели дека е неопходна анализа, но и комуникација со сите засегнати страни.

„Доколку ние носиме препорака која е генерално остварена од врвот, од Владата, тоа тешко се операционализира. Ние мора да ги прашаме јавните претпријатија, мора да ги прашаме и општините, до колкав процент може да го направат тоа. Да се прашаат и оние кои треба да го намалат бројот на вработени, како и на кој начин е можно? Дали имаме правна пречка, како да се отстрани таа пречка итн.“ – Борче Треновски, универзитетски професор

Но, таква анализа засега нема. Проценката ќе се прави допрва од страна на Владата и синдикатите.

„Ни беше речено дека пред да се применат овие мерки ќе се направи функционална анализа, за сите овие предлози и на база на таа анализа ќе се применат овие предлог мерки“ – Столе Кашиковски, УПОЗ

Државата редовно пишува планови за штедење, но во пракса се ретко изводливи ако се земат предвид јавни набавки на скапа и луксузна храна, илјадници евра за едно-часовни настани и чести службени патувања на големи делегации на државна сметка.