Бизнис
11. April 2025 - 21:20

Ќе има ли јагнешко за Велигден и по која цена?

Ќе има ли јагнешко на Велигденската трпеза и по која цена? Сточарите се жалат на ниската откупна, граѓаните на високата по месарниците.

Од 210 до 230 денари за килограм е цената која откупувачите им ја нудат на сточарите. Тие, пак, незадоволни – иста е како лани, баравме најмалку 280 денари. Проблем им е и новата мерка, според која услов за добивање субвенција е да предадат 50 отсто од јагнињата во кланица.

„Од кланица јагниња се враќаат, големи јагниња не сакаат кланиците. Јас сум откупувач, ме знаат овде сточариве, не ги сакаат кланиците големите јагниња. Каде да ги носиме ние како сточари? Приватно не не оставаат да продаваме, плата не земаме, субвенции немаме, јагнињата ни стојат в штали, од што ние да живееме. Во Битола прашавме некни 650-680 денари, во Скопје 800 денари килограм јагнешко месо, а 200 денари ни ги земаат јагнињата. Големите јагниња 200 денари, не уценуваат сега. Лани ги изгубив и субвенциите и јагнињата ми останаа, 160-170 јагниња, годинава истото пак. Како ќе живееме ние, од што?“, изјави Марјанчо Стојаноски, сточар од село Новоселани.

Во месарниците пак, килограм се продаваа од 650 денари па нагоре. Во некои и го нема. Па дел почнале да прават списоци на заинтересирани купувачи, ако евентуално стигне, да дојдат да купат. И јагнешките глави кои пред неколку дена се продавле по 50 денари, сега достигнуваат цена до 80 денари. За разлика од јагнешкото, кај останатите производи не се очекува промена, велат од Владата. 

Одлуката за замрзнати цени и ограничени маржи е на сила до крајот на април, така што поскапување на овошјето, и зеленчукот, барем во маркетите нема да има. Ако на пазарите се продава поскапо, надлежните велат -  купете од маркет. Инспекторатот деновиве ќе биде на терен. За прекршителите - ќе следуваат казни. 

„Под наша надлежност е ДПИ и од она што досега го имаат утвредно на терен во однос на прекршување на мерките и одлуките донесени од Владата за ограничување на бруто профитните маржи со основните прехрамбени производи ќе имаме одредени казни и затворање на одредени маркети каде се утврдени поголеми прекршувања..“ -изјави Марјан Ристески – зам мин. за економија и труд.

Маркетите почетокот на мај ќе треба и јавно, на веб сајт да ги објавуваат цените на сите производи, за да знаат граѓаните од каде им е најевтино да купат.