Македонија
17. October 2022 - 16:47

Кирил Пејчиновиќ нова мета на напади од бугарските историчари

Називите на бугарските клубови во Македонија предизвикуваат конфликт и тешко е да се разбере зошто се избрани, вели бугарскиот професор Илчев, член на мешовитата историска комисија.

Тој смета дека ова е последица на наталожените фрустрации на Бугарите во земјава, но дека сепак, имињата на бугарските центри се далеку од соодветни.

“Можам да разберам, но тешко ми е да оправдам. Кога правиш клуб и го именуваш со име кое неизбежно ќе доведе до конфликт, тогаш ми се чини дека тоа е многу неразумно. Тоа е како да влечеш куче за опашка и да се изненадиш дека ќе те укаса. Можеше тие клубови да се наречат со понеутрални имиња кои ќе градат мостови, а не да ги рушат”

Иако, како што вели, македонската историја почива на нереални основи, Илчев потенцира дека секоја држава има право на сопствен историски наратив.

Но со тоа не се согласува неговиот колега Павлов, кој како богохулење, апсолутно кршење на Договорот за добрососедство и невидена злоупотреба на историјата го нарече канонизирањето на македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ во светител.

“Со овие наши рани преродбеници се случува токму истото непочитување на историјата, склоно кон чиста рамнодушност. Овие луѓе имаат бугарска самосвест – Кирил Пејчиновиќ вели дека „пишува на својот љубезен и наједноставен бугарски јазик“ – секаде се појавува како Бугарин, а би било смешно да се тврди нешто друго”, вели бугарскиот историчар.

За македонскиот премиер, ова не е ништо друго, туку продолжување со провокациите на поединци. 

“Тоа што некој сака да провоцира тоа е негов проблем. Ние точно знаеме што е нашата историја. Ние точно знаеме што е нашата култура. Ние точно знаеме што е нашиот македонски јазик, сега веќе признат во целата Европска Унија“

А провокациите се преселија и на интернет. Во изминативе два дена засилено се менува англиската верзија на Википедија, каде што Пејчиновиќ наеднаш стана основоположник на модерна Бугарија, преку ноќ Бугарин стана и неговиот современик, просветителот Јоаким Крчовски, а забрзано уредување е приметно и кај неколку други личности од македонската историја и култура.