Македонија
16. October 2026 - 12:15

Баргала, 16 века историја собрани во една книга

Повеќе од 1.600 години историја, остатоци од ранохристијански храмови, градски ѕидини и сведоштва за животот во доцната антика.

Баргала, еден од најзначајните археолошки локалитети во Источна Македонија и денес крие тајни под земјата.

Сите археолошки резултати од истражувањата се сублимирани во книгата „Епископскиот град Баргала“ од професорот и археолог Трајче Нацев, која беше промовирана пред јавноста.

Книгата ги обединува сознанијата за развојот на градот, неговото утврдување, епископскиот комплекс и просторот надвор од градските ѕидини, апсорбирани во текот на 6 децениските истражувања на локалитетот.

Археолошките наоди сведочат дека Баргала не била само воено утврдување, туку и организиран град со развиен верски, стопански и секојдневен живот.

- Со последните археолошки истражувања кои беа завршени, комплетно е откриен епископиумот, каде бил епископот, заедно со сите придружни објекти кои биле потребни и кое ни дава светло за животот и организацијата во самиот град. Беше отркиена и нова културна содржина во централниот дел на градот каде е сместена градската ранохристијанска базилика, изјави Трајче Нацев, археолог и автор на книгата.

Со ова дело, Нацев придонесува археолошкото наследство да им стане подостапно на научната јавност и на пошироката публика, а Баргала да добие заслужено место во приказната за културното и историското богатство на Македонија.

- Таа ќе биде референца незаобиколна за сите идни истражувачи и задолжително четиво за целата наша археолошка фела, изјави Бошко Ангеловски, археолог и научен истражувач.

Потенцијалот на Баргала не е целосно откриен.

Само дел од локалитетот е археолошки истражен, што остава простор за нови откритија и дополнување на сознанијата за минатото на регионот.