Католичката црква: Света Мајка Тереза е светица на нашата црква, зарем ваков однос заслужи од своите сограѓани?
Католичката црква во Македонија денес, 29 септември 2025 година, излезе со соопштение до јавноста, во кое изрази жалење за недостојниот и навредлив чин на муралот на света Мајка Тереза поставен на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје.
Соопштението, кое го објавуваме во целост, таквата постапка ја смета за навреда за верските чувства на верниците и почитувачите на делото на светицата, потсетувајќи на нејзиното значење за Скопје, Македонија и светот, но и на важноста од почитување на верските чувства како темелен принцип на секое демократско општество.
Во продолжение го пренесуваме соопштението во целост:
Соопштение до јавноста
Католичката црква во Македонија изразува жалење за недостојниот и навредлив чин со кој на муралот на света Мајка Тереза, поставен на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, е додадена марама на нејзиниот лик. Со оваа постапка се повредуваат верските чувства на верниците и почитувачите на делото на светицата.
Потсетуваме дека Света Мајка Тереза е светица на Католичката црква, родена во Скопје, почесна граѓанка на овој град и граѓанка на светот. Со својот живот посветен на сиромашните и болните, со својата едноставност, понизност и љубов, ја направи Македонија и Скопје препознатлива во светот и пример за почит кон другиот.
После големиот настан што се случи на 28 септември 2025 година за сиот македонски народ со осветувањето на храмот Свети Константин и Елена кој се наоѓа во непосредна близина на Спомен куќата на Света Мајка Тереза, се прашуваме: Зарем нашата Светица заслужи ваков однос од дел од своите сограѓани?
Почитта кон верските чувства е основен елемент на секое демократско општество. Грижата за нив е одговорност на сите граѓани, а воедно ја отсликува и демократската зрелост кај поединци и групи, нивната подготвеност за соживот и прифаќање на различните.
Слободата на уметничкото изразување и јавната дебата се драгоцени вредности, но тие треба да се остваруваат со почит кон достоинството на другите и кон она што е свето за една заедница. Затоа недозволиво е светите ликови, како света Мајка Тереза, да бидат инструментализирани или злоупотребувани за било какви цели.
Католичката Црква се приклучува кон сите добронамерни граѓани кои веќе реагираа и го осудија ваквиот срамен чин и апелираме до целата македонска јавност на поголема свесност за значењето на светците, светите простори и другите свети работи, како и вредностите во општеството што ги застапуваат Црквите и верските заедници.
Во таа насока, ги повикуваме надлежните институции да преземат соодветни мерки, да ги заштитат верските чувства на граѓаните и во иднина да ги превенираат ваквите појави.
Во исто време изразуваме благодарност до сите луѓе на изразената загриженост и подршка која ја упатија до Црквата.
Од канцеларијата на Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија
Ново на Сител
-
Тирана ќе биде домаќин на првиот инвестициски форум ЕУ-Западен Балкан
-
Четворица мртви откако маж ја застрела својата партнерка и децата во северозападна Германија
-
Русија се повлекува од Европската конвенција против тортура
-
Шекеринска: БиХ се соочува со сериозни безбедносни предизвици
-
Русија годинава очекува благ пад на извозот на нафта
-
Трамп ќе воведе 100-процентна царина за сите филмови направени надвор од САД
-
Опен АИ воведе безбедносни мерки за тинејџери кои ја користат алатката ChatGPT
-
Меџити: Времето е за работа, ред и развој, време е за Чаир