Свет
2. August 2024 - 13:02

Кампањата на Камала Харис во јули собра 310 милиони долари

Штабот за предизборната кампања на американската претседателска кандидатка, Камала Харис, денеска соопшти дека во јули собрал донации од 310 милиони долари.

Износот што демократите го собрале во јули е повеќе од двојно поголем од 138,7 милиони долари што ги собра штабот на Доналд Трамп.

Со ова Харис и Џо Бајден, актуелниот претседател кој се откажа од кандидатурата на изборите во ноември, заедно собраа речиси милијарда долари донации, со што го соборија рекордот за брзина на достигнување на оваа сума.

Ројтерс пишува дека јули се чинеше дека е лош месец за демократите бидејќи големите донатори не обезбедија средства, обидувајќи се да го принудат Бајден да се откаже од својата кандидатура.

Назначувањето на Харис повторно ги мотивираше гласачите и донаторите.

Повеќе од 200 милиони долари од вкупно 310 милиони долари беа исплатени во првата недела откако Бајден се откажа и Харис се кандидираше, се наведува од штабот на кампањата на потпретседателката.

Две третини од донациите во јули се од донатори кои првпат даваат пари, а 94 отсто од донациите биле 200 долари или помалку.

-Огромниот излив на поддршка што го видовме за толку кратко време јасно покажува дека коалицијата околу Камала Харис е мобилизирана, расте и е подготвена да работи за да го победи Трамп во ноември, рече менаџерот на кампањата Џули Чавез Родригез.

Демократската кандидатка на крајот на јули имала 377 милиони долари, 50 повеќе од 327 милиони на Трамп.

Поранешниот републикански претседател во јули собра 24 отсто повеќе средства во споредба со јуни, а повеќето донации беа поттикнати од обидот за атентат врз него на 13 јули во Пенсилванија.