Кампања за поголема јавна свест и охрабрување на децата да побараат помош за сексуално насилство врз нив

Зголемување на јавната свест, охрабрување на децата да проговорат и обезбедување знаења и алатки за превенција и заштита за возрасните, е целта на Националната кампања „1 од 5 – Стоп за сексуалното насилство врз деца“, чие спроведување почна денеска во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската унија.
Според податоци од Министерството за внатрешни работи, кои беа споделени на промовирањето на кампањата, меѓу 2020 и 2024 година во државава биле пријавени 508 случаи на сексуално насилство и вознемирување деца. Кампањата ја спроведува Комисијата за спречување и заштита од дискримација заедно со народниот правобранител и со Бирото за развој на образованието.
Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискримација, Душан Томшиќ рече дека статистиката која стои зад овој наслов е болна и тешка, но таа не смее да остане само бројка. Посочи дека зад секое едно дете, стои дете со име, презиме, со семејство, надежи и доверба во возрасните. Нашата должност како институции, како општество, појасни Томшиќ, е да направиме се таа доверба никогаш да не биде повредена.
-Сексуалното насилство врз деца е една од најтешките прекршувања на човековите права. Таа остава последици кои траат целиот живот. Затоа превенцијата не е само препорака, таа е и обврска, обврска да создаваме безбедни средини, да ги охрабруваме возрасните да препознаат знак на опасност и пред се да ги охрабриме сите деца да зборуваат, да побараат помош и да знаат дека тие немаат вина. Затоа оваа кампања е толку важна. Во рамки на кампањата се направени промотивни видеа, материјали и постери кои ќе бидат дистрибуирани во сите основни и средни училишта, во градинките каде наставниот кадар ќе може да го подигне нивото на знаење кај децата и стручните служби, но пред се кај родителите, рече Томшиќ.
Потенцира дека веруваат дека кампањата ќе направи важен чекор кон општество во кое секое дете е безбедно, почитувано и знае дека има институции кои стојат зад него.
-Досега до Комисијата нема поднесоци за сексуално вознемирување и сексуално насилство врз деца. Можеби тоа е поради ниската свест во општеството или стравот да се пријавува, но сепак оваа кампања ја имаа токму таа цел да го подигне нивото на свесност во општеството за постоењето на сексуално вознемирување и сексуално насилство, да се препознава и соодветно да се пријавува. Комисијата постапува во случај кога институциите затајуваат. Значи Комисијата мора прво да почека разрешница од институциите кои се надлежни да постапуваат во овие случаи, а потоа доколку има прекршување на право или несоодветна заштита да интервенира во тие случаи, додаде Томшиќ.
Заменик-народниот правобранител Соња Трифуновска рече дека заштитата на децата не е само законска обврска, туку е прашање на човечко достоинство, свест и одговорност кон иднината.
-Тоа е реалност која укажува дека треба да делуваме порешително и заедно. Народниот правобранител постојано укажува дека децата жртви на насилство често се соочуваат со двојна траума – од самото насилство и од нечувствителниот институционален одговор. Затоа бараме подобри протоколи, детски-пријателски постапки и координација меѓу сите надлежни служби. Но, најважно е да спречиме пред да се случи, да ги едуцираме децата од најрана возраст, да ги поддржиме родителите и наставниците и да изградиме општество во кое секој возрасен знае дека има улога во заштитата на децата, додаде Трифуновска.
Барбара Лигл, лидер на компонентата 4 за фундаментални и човекови права на проектот, рече дека проектот е финансиран од ЕУ и има за цел да ги поддржи виталните институции што работат во областите на правдата, спроведувањето на законот, антикорупциските напори и промоцијата и заштитата на основните и човековите права во подобрување на нивните капацитети, ефикасност и влијание.
-Заедно со мојот тим експерти работиме со јавни институции за подигнување на свесноста за човековите права и нивна заштита. Особено се занимаваме со спречување дискриминација и насилство врз основа на пол, ефикасна реинтеграција и ресоцијализација на сторителите во општеството и заштита на правата на децата. Денешниот настан е почетна точка за кампањата „1 од 5“ за запирање на сексуалното насилство врз децата, која беше развиена од Советот на Европа и имплементирана во многу земји-членки на Советот на Европа. Материјалите за кампањата беа преведени на македонски и албански јазик од нашиот проект со финансиска поддршка од ЕУ, истакна Лигл.
Според достапните податоци, појасни таа, едно од пет деца во Европа е жртва на некаков облик на сексуално насилство, што вклучува сексуална злоупотреба, детска порнографија, сексуална експлоатација, онлајн злоупотреба или вознемирување од врсници.
Таа посочи дека Националниот акциски план за правата на децата е развиен во рамки на нивниот проект заедно со Министерството за социјална политика, демографија и млади и сите јавни институции вклучени во неговото спроведување, а децата активно учествувале во неговиот развој.
-Материјалите за кампањата што ги презентираме денес имаат за цел да постигнат заедничка цел - поддршка во подобрувањето на безбедноста на училиштата, заедниците и домовите преку нудење јасни, практични упатства за наставниците, училишниот персонал, семејствата и самите млади луѓе. Овие алатки се дизајнирани да ни помогнат да забележиме кога нешто може да не е во ред, да реагираме внимателно и да разбереме каде да побараме помош ако детето е повредено. Препознавањето на знаците на злоупотреба и знаењето како да се одговори може да направи промена во животот на млада личност на која ѝ е потребна поддршка, додаде Лигл.
МИА
Ново на Сител
-

Cloudflare „падна“, многу веб-страници, меѓу кои и македонски, не работат поради технички проблеми
-

Пет лица нападнале малолетник во Центар, под заканила со остар предмет му одзеле пари и мобилен телефон и го истепале
-

Дедо истепал 21-годишна девојка во Ѓорче Петров
-

Муцунски: Ништо не е пуштено во Софија на амин, секогаш ќе ги штитиме македонскиот јазик, идентитет и историја
-

Неколку лица од Сарај испукале куршуми кон 28-годишник, но не го повредиле
-

Три лица напднале маж од скопско, му одзеле пари, па едниот од нив го удрил со пиштол по глава
-

МЕРМС: Започнува најголемата енергетска обнова на државните институции, вредна 11,11 милиони евра
-

Детската клиника во Скопје доби медицинска опрема вредна околу 2,7 милиони денари
